Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кому му ги остави Ѕинго, акциите во Силекс?

Кому му ги остави Ѕинго, акциите во Силекс?

На еднаков дел на двете деца го поделил сопствеништвото во РИК Силекс АД Кратово, починатиот бизнисмен Љубисав Иванов Ѕинго. Компанијата соопшти дека е извршена поделба на 54,25 отсто од акциите на друштвото. 

Станува збор за 244.946 обични акции кои претходно му припаѓале на нивниот татко. По основ на оставнина на два еднакви делови акции добиле Горан Ивановски и Розета Димитровска. И двајцата сега поседуваат по 122.473 обични акции во Силекс.

Книговодствената вредност по акција изнесува 1.532 денари, а последната цена по која се тргувале овие акции е 70 денари.

Горан Ивановски и порано беше акционер.

Поранешниот рударско индустриски гигант – кратовски „РИК Силекс“ лани оствари 11,2 милиони евра приходи од продажба што е зголемување на продажбата за 24 отсто во споредба со претходната година. „Силекс“ лани приходите ги направил од продажба на сунѓер, сирење, јагниња и јариња, патенти како и од продажба на „силекс кугла“ пишува во образложението кон консолидираните финансиски извештаи на компанијата.

„Силекс“ е основач и сопственик на 21 фирма! Најголеми се: „Силтекс“, „Неметали“, „Земсил“ и „Силпен“ и сите имаат основна главнина поголема од 1 милион евра. Другите 14 се со основачки влог до 5.000 евра. (според податоци од Проспектот на РИК „Силекс“)

Основната дејност на “Силекс” А.Д. Кратово е 08.99 – Останато рударство и вадење на камен, неспомнато на други места. Преку основаните друштва се занимава и со рударство, производство на сите видови полиуретански производи, патент  затварачи и позамантерија, градежништво, комунални услуги, земјоделие, сточарство, овоштарство и преработка, производство на транвентински и мермерни плочи, транспортни услуги и сектор за обезбедување на имот и лица. РИК „Силекс“ е основан 1954 година.

Љубисав Иванов Ѕинго почина во ноември лани. Повеќе од две децении беше лидер на Социјалистичката партија, а беше пратеник во Собранието во првиот собрански состав.

Љубисав Иванов Ѕинго беше и долгодишен бизнисмен, сопственик на компанијата Силекс, основач на ТВ Сител, а во неговото бизнис портфолио е и сопствеништвото на Добра вода.

А тој беше вљубеник и во спортот и беше претседател на Фудбалскиот сојуз.

Имаше 84 години.

А.Т.

Слично

Поврзани вести