Кому ќе легнат 1,5 милиони евра дивиденда додека врти скара на Денот на трудот?
ТТК Банка продолжува со одлична корпоративна пракса. На 2 мај сите нејзини акционери ќе добијат по 94,5 денари нето дивиденда. Исто како и лани, ист термин и речиси идентичен износ. ТТК Банка дава пример за сите други поголеми банки кои редовно делат дивиденда на акционерите дека за дивидендата може да се одлучува и на почекот на вториот квартал, а не на полугодие. Ова може да биде дополнителен импулс и за тргувањето на берза
ТТК Банка продолжува да ги радува своите акционери и покажува одлична корпоративна практика на која можат да се угледаат и поголемите деловни банки на македонскиот пазар. ТТК Банка објави дека ќе подели дивиденда од1,55 милиони евра на своите акционери.
Особено за истакнување е тоа што повеќе од половина милион евра нето дивиденда ќе поделат 1.810 домашни физички лица – акционери на ТТК Банка. Тоа значи дека овие 535.000 евра ќе останат во македонската екомија без разлика дали ќе бидат вложени во акции, депонирани во депозити, штедни влогови, вложени во недвижнини, реновирање или потрошени на добра, стоки или услуги.
Бруто дивидендата што банката планира да ја исплати изнесува 105 денари што значи дека по одбитокот на данокот на добивка таа изнесува 94,5 денари. На последната пазарна цена на таа акција е 7 отсто и тоа принос на вложување многу подобар од депозитот или штеден влог со најдобра денарска каматна стапка.
Добивката по оданочување на ТТК Банка лани изнесува 1,65 милиони евра, а од тие пари 1,55 милиони евра ќе завршат во дивиденда кај акционерите на банката. Школски пример за добра корпоративна пракса и за привлекување институционални инвеститори во акционерската структура на банката.
Оваа банка и лани исплати 104 денари бруто дивиденда по акција што значи дека годинава е речиси идентичен износот што ќе биде исплатен. Најголем принос од дивиденда ќе добие текстилниот комбинат „Тетекс“ кој е најголем акционер во ТТК Банка. За своите 41,5 отсто од акциите „Тетекс“ ќе добие нето износ од околу 579.000 евра.
Р. Ф.
