КОМПАНИИТЕ СО БАРАЊЕ ДА СЕ ОДЛОЖИ ПРИМЕНАТА НА ПРАВИЛНИКОТ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ЛИФТОВИТЕ СЕ` ДО НОСЕЊЕ НА ТЕХНИЧКИТЕ ПРОЦЕДУРИ
Групацијата за лифтови и Групацијата за домување и управување со станбен и деловен простор при Стопанската комора на Македонија, бараат повторно да се одложи примената на Правилникот за користење на лифтовите се` до носење на техничките процедури. Компаниите не можат да ги исполнат условите од Правилникот за лифтови кои предвидуваат вградување дополнителни уреди вредни минимум 5.000 евра и технички се речиси неизводливи. Поради тоа, членките на двете групации бараат средба со Владата на РМ за повторно одложување на Правилникот, информираше на денешната прес-конференција Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.
Условите што ги наметнува Правилникот важат за сите лифтови без исклучок и за новите и за постојните вградени пред повеќе децении. Тоа е всушност и најголемиот проблем бидејќи кај постарите лифтови има проблем од техничка неможност да се имплементираат одредени барања од постојниот Правилник како што е ставката од членот 68 од Правилникот согласно која се бара поставување уред за заштита од неконтролирани движења на кабината нагоре. Вака дефинираната регулатива, иако базирана на европските стандарди, не се почитува во целост и во дел од земјите-членки на Европската унија.
Ако оваа обврска се примени, ќе значи голема инвестиција или трошок од минимум 5.000 евра што ќе биде на товар на станарите, односно сопствениците на лифтови, посочи Димче Поповски, претседател на Групацијата за лифтови при Комората, потенцирајќи дека ако, се изземе оваа ставка од Правилникот и не се примени, нема да дојде до нарушување на функционалноста и безбедноста на лифтовите. Поповски информираше дека Правилникот треба да се одложи и да се работи на негова измена бидејќи во изминатите 9 години колку што е во функција, детектирани се и други пропусти, како и слабости во повеќе сегменти, вклучувајќи го и сервисирањето. До 2019 година сите лифтови треба да се адаптирани на Правилникот, што е невозможно, бидејќи инвестициите за примена на членовите од истиот чинат од најмалку 5.000 до 10.000 евра, без кои секако функционалноста и безбедноста на лифтовите нема да се наруши, напомена Поповски. Групацијата за лифтови од 2009 година бара и лиценцирање на компаниите за лифтови, но досега, нема исход од ваквото барање.
Во исто време, Правилникот за користење на лифтовите им прави проблеми во функционирањето и на лиценцираните управители, бидејќи тие во своето работење мора да почитуваат два спротивни закона - Законот за домување и Законот за техничка инспекција кои еден со друг се некомпатибилни, посочи Васе Самараков, претседател на Групацијата за домување и управување со станбен и деловен простор при Стопанската комора на Македонија. Тие секојдневно, во комуникација со граѓаните - корисници и сопственици на лифтовите, се соочуваат со предизвик од аспект на потребата за вложување во техничката исправност на лифтовите согласно законските прописи. За граѓаните е проблем спроведување на законските услови во целост, пред се` во услови кога станува збор за функционални лифтови, а притоа се прават инвестиции со кои треба да се задоволи регулативата која предвидува високи стандарди согласно ЕУ-прописите.
