КОМПАНИИТЕ СЕ ВО КОМА ПОРАДИ ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА СТРУЈАТА - Стопанската комора бара итни мерки
Драстично се зголемени цените на енергијата и ние во моментот се наоѓаме во најтешката криза. Компаниите се во кома, изјави денеска Мирко Велковски, претседател на Регионалната стопанска комора Битола.
Сите регионални претседатели имаа средба во Скипје со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Велковски вели дека трошоците им се зголемени неколкукратно и тврди дека се потребни интервентни мерки.
„Нашите компании се загрозени и ние се наоѓаме во најтешката криза досега. Практично сме во кома. Се обраќаме затоа што ни се потребни мерки, државата да инвестира во стратешки компании“, вели Велковски, кој тврди дека РЕК Битола произведува струја за 69 евра за мегаватчас, а компаниите се принудени да ја плаќаат на пазарот и за 250 евра за мвч.
Бранко Азески вели дека комората останува на своите ставови за намалување на сивата економија, разрешување на корупцијата, а во вакви услови да не се зголемуваат даноците и да има извесност.
„Има сериозни предизвици и она што е важно од аспект на енергетската криза е државата да издава полесно дозволи за изградба на фотоволтаици на самите објекти“, рече Азески.
Според него, ова не е време за големи стратегии.
„Ова не е време ниту за промена на стратегии, туку е време на преживување. Никој не може да предвиди што ќе се случи со цената на гасот и енергенсите ако продолжи руско-укрианскиот конфликт, никој не знае ни колку ќе трае, а тоа доведува до тешка неизвеност. Можно е фирмите да почнат да се откажуваат од инвестициските активности, а потоа и од работните места, па и да затворат. Излезното решение е да и помогнеме сите на државата, но да видиме дека и државата сака да си помогне себе си. Партнерски може да се надминат проблемите. Ќе ги оставиме суетите на страна, се работи за преживување, не можеме да ги дигнеме на рамо фабриките и да ги изнесеме, иако сега веќе и нема каде да ги преселиме Сега треба да се свртиме кон капиталот, кон работникот кој е составне дел на тоа милје, без него не можеме ништо да правиме, но сега капиталот треба да каже каже со скромна поддршка може да оствари најголеми ефекти, подвлече претседателот на Комората.
Претседателката на Регионалната комора – Прилеп Ирена Јакимовска е децидна дека компаниите се подготвени да инвестираат во фотоволтаици, но имаат административни пречки од локалните власти.
„Ги замолуваме локалните власти да „штанцаат“ дозволи во секој момент, за да можеме да инвестираме и да надминеме барем еден дел од кризата. Сега е најбитно да ја задржиме ликвидноста, а така ќе ги задржиме и вработените. Летото е речиси завршено, есента е неизвесна, но полека, заеднички, да сфатиме дека сите сме на истата страна од реката, да донесеме паметни одлуки, да сфатиме дека сите треба да се потпреме на сопствените сили, да ги максимизираме ресурсите за надминување на сите предзивици, изјави Јакимовска.
Таа повтори дека сега, клучна цел на бизнисот е ликвидноста и задржување на вработените.
„Најмалку сакаме да ги изгубиме вработените и да го продадеме лесно она во што сме вложувале. Во овој момент е потребна голема колективна свест и заедништво. Капиталот е оној што ќе успее заедно со административните институции да ја надмине кризата. Треба да сме свесни за големината и вредноста на капиталот. Ако имаме економска криза, доволно е да ја кренеме главата и да видиме дека имаме ресурс – сонцето, барем едне дел од кризата, енергетскиот, можеме да го надминеме, рече Јакимовска, додавајќи дека и банките би можеле да помогнат во однос на ликвидноста на компаниите.
Споре неа, сите избрзани одлуки од Владата кои се носат, посебно во делот на Законот за работни односи, треба да бидат паметно ревидирани, без да направат штета на компаниите.
„Само работата и пласманот може да не спасат од ваква ситуцаија. Европа има потреба од производствени капацитети на овие простори и тоа треба да го искористиме како предност, укажа Јакимовска.
А.Т.
