Компаниите оствариле поголеми профити, УЈП пресмета поголем данок на добивка
Управата за јавни приходи објави дека за 2025 е зголемен данокот на добивка за 14 отсто, а исто така и дека е зголемен бројот на субјекти од кои е наплатен. Најголемата причина за тоа, како што соопшти УЈП, се поголемите добивки на компаниите.
„Даночен биланс за оданочување на добивка – образец „ДБ” поднесоа 25.506 даночни обврзници, наспроти 25.051 во 2024 година, додека даночен биланс за оданочување на вкупен приход – образец „ДБ-ВП” поднесоа 50.465 даночни обврзници, што е повеќе во однос на 49.126 поднесени биланси за претходната година. Овие податоци покажуваат дека најголем дел од даночните обврзници – трговски друштва и понатаму се микро и мали компании кои ги користат поволностите од поедноставениот даночен режим.
Кај даночните биланси за оданочување на добивка, по исклучување на даночните обврзници кои согласно закон имаат право на даночни ослободувања (компании во технолошко индустриските развојни зони, заштитни друштва и казнено-поправни установи), даночната основа и пресметаниот данок за 2025 година бележат раст од 14% во однос на 2024 година.
По пребивање со аконтативно платениот данок, за доплата остануваат 5 милијарди и 805 милиони денари, за поврат на даночните обврзници се евидентирани 323 милиони денари, додека 4 милијарди и 534 милиони денари повеќе платен данок ќе се користи за подмирување на аконтациите за 2026 година. Нето даночниот ефект за 2025 година е повисок за 33% во однос на претходната година. Овие резултати првенствено се должат на повисоките добивки кај компаниите и на помалиот износ на користени намалувања на даночната основа во однос на 2024 година.
Во рамки на поедноставениот даночен режим, компаниите со вкупен приход до 3 милиони денари се целосно ослободени од плаќање данок, додека за приход меѓу 3 и 6 милиони денари се применува данок од 1% од вкупниот приход. Од вкупниот број 50.465 поднесени ДБ-ВП обрасци, данок на вкупен приход пресметале 3.883 даночни обврзници, што како број претставува раст од 8,6% во однос на 2024 година. Нето даночниот ефект кај овој вид оданочување изнесува 45,3 милиони денари и е понизок во однос на претходната година кога изнесуваше 53,5 милиони денари. Овој даночен режим ја потврдува поддршката што даночниот систем ја обезбедува за микро и малите компании преку ниско или целосно ослободено даночно оптоварување“, соопшти УЈП.
