Економија, финансии, бизнис

Контакт

Компаниите ќе можат да ги користат научните лаборатории

Компаниите ќе можат да ги користат научните лаборатории
Од вториот квартал на годинава македонските компании ќе можат за своите потреби да ги користат модернизираните научни лаборатории на високообразовните институции и јавните научни установи, објави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев. До тогаш се очекува да заврши постапката за акредитација на првите од вкупно 80 вакви лаборатории, кои беа опремени со нова модерна опрема преку владиниот капитален проект „Опремување на лаборатории за научно-истражувачка и апликативна дејност”, вреден околу 26 милиони евра. До овој момент лабораториите веќе се користат за научна дејност и во практичната настава на универзитетите, но од вториот квартал на годинава ќе започнат да им стануваат достапни и на бизнисмените. Согласно планот, сите овие лаборатории треба да бидат акредитирани и ставени во функција на бизнис заедницата и стопанството кои имаат потреба од нив најдоцна до крајот на оваа година, додава Ѓорѓиев.
„Со овој проект се дава една сериозна поддршка на бизнис заедницата во нашата земја, и тој е во функција на создавање на подобри услови за работа на компаниите. Тој ја покажува и нашата константна поддршка на економскиот развој и на унапредувањето на бизнис климата“,вели владиниот портпарол.
Лабораториите нудат услуги коишто во минатото биле тешко достапни за компаниите - различни тестови и сертификати, кои македонските бизниси претходно морале да ги добиваат со испитувања во странство. Од Владата се уврени дека со модернизираните лаборатории дома, компаниите ќе заштедат во време бидејќи резултатите ќе ги добиваат побрзо, а ќе заштедат и во пари затоа што нема да имаат потреба за трошоци за испитувања надвор од земјата. Согласно првичните анализи, испитувањата кои ќе се вршат во домашните лаборатории се очекува да бидат од 2 до 4 пати поевтини во однос на испитувањата кои се прават во странство. Заработка ќе имаат и самите лаборатории кои ќе добијат можност своите услуги комерцијално да им ги понудат на бизнисмените.
Слично

Поврзани вести