Економија, финансии, бизнис

Контакт

Компаниите чекаат на државните пари за платите: Ќе се изгласаат ли во Собрание

Компаниите чекаат на државните пари за платите: Ќе се изгласаат ли во Собрание

Домашните текстилни фабрики или не работат или работат со намален капацитет, а во претстојниот период компаниите очекуваат пад на продажбата за 50 отсто и дополнително откажување на нарачките. Се бара итно да се донесат мерките кои Владата ги предложи за субвенции на февруарската и мартовската плата. Тие во Собранието се закажани за 23 март односно за во вторник.

„Со оглед дека веќе се доцни, компаниите до 15 март мораа да ги исплатат платите, неопходно е во овој Закон да се предвидат одредби со кои би се одложиле роковите за поднесување на барањата за финансиска помош и за поднесување ипсправка на образецот за февруари. Уште еднаш ги повикувам пратениците, за вакви прашања каде што не смее да има партиски интереси, заедно да ги донесат мерките кои се од интерес за граѓаните, рече Ангел Димитров, Претседателот на Здружението на текстилна и кожарска индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи во четвртокот изјави дека платата за февруари ќе биде покриена, а дека е оптимист дека пратениците ќе ги изгласаат измените.

„Време за политика ќе има кога ќе живеееме подобро, кога нема да има притисок од здравствената криза. Треба да се работи на нови законски решенија, нови мерки за поддршка, рече Битиќи.

Владата планира со 30 милиони евра да поддржи исплата на плати на фирмите кои се погодени од пандемијата за месеците февруари и март. Висината на помошта зависи од тоа колку се намалени приходите на фирмата. 

За користење на финансиската поддршка, работодавачот кој ја бара финансиската поддршка треба да има пад на приходите од работењето од најмалку 30 отсто во месеците ноември, декември 2020 година и јануари 2021 година во однос на месечниот просек на вкупните приходи од редовното работење остварени во периодот ноември, декември 2019 година и јануари 2020 година. Но услов за исплата на помошта е и истиот работодавач да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност или друг вид на годишна награда  на вработените и органите на управување.

За да се аплицира за помошта услов е и бројот на вработени, па во месецот за кој се бара финансиска поддршка треба да има ист или поголем бројот на вработени.

Фирмите кои исплатуваат високи плати немаат право на апликација. Во законот стои дека работодавачот-барател на финансиска поддршка кој на повеќе од 10 проценти од вкупниот број вработени им исплатува поединечна нето плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиска поддршка не ги исполнува условите за помош. Право на помош нема ни работникот кој за месец октомври, ноември и декември 2020 година и јануари 2021 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно.

Предлагачите на законот се децидни дека ако некое друштво има добивка во годините пред кризата не може да добие помош

„Финансиска поддршка за исплата на плати не може да користи работодавач кој во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година има кумулативно акумулирани добивки поголеми од 600.000.000 денари. По исклучок, работодавачот кој има повеќе од 2.000 вработени лица во месецот за кој користи финансиска подршка а во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година има кумулативно акумулирани добивки поголеми од 600.000.000 денари, може да користи финансиска поддршка за исплата плата согласно овој закон.

Помошта е скалеста односно за намален приход од 30 до 40 проценти, државата дава до 14.500 денари. За намален приход од 40 до 50 проценти износ на финансиска поддршка до 15.955 денари, за намален приход од 50 до 60 отсто, поддршката е 17.410 денари. Ако приходот е намален од 60до 70 отсто износот на финансиска поддршка е до 18.865 денари, а за намален приход од 70 до 80 проценти се одобрува помош до 20.320 денари, додека за намален приход од над 80 отсто износот на финансиска поддршка е до 21.776 денари.

Во предлог законот стои дека после завршувањето на месецот за кој е користена финансиската поддршка вкупниот број на вработени кај работодавачот - корисник на финансиска поддршка не смее да се намали за повеќе и тоа за скалест процент во зависност од вкупниот број на вработени.

Инаку фирмите кои беа идентификувани како такви кои зеле помош, а не им исплатиле плати на вработените немаат право за финансиска помош. Тие кои ќе аплицираат, немаат право да се пријават за користење на бескаматните кредити преку Развојната банка.



Слично

Поврзани вести