Компании за одгледување цвет од канабис добиваат неповратна државна помош, исплатени им се стотици илјади евра
Фабрики за одгледување на цвет од канабис за медицински цели во изминатиот период добија значителна државна помош за покажан интерес во инвестирањето од страна на Владата.
Според евиденцијата што ја направи „Фактор“, во последните денови од минатата година и во почетните од 2026 направени се милионски трансакции кон неколку компании од оваа дејност. Државна помош за овие компании имаше и пред една година но таа беше во речиси незначителни рамки.
Периодот до 2020 година изгледаше како време во кое доаѓа „бум“ на инвестиции во канабисот - беа отворени неколку десетици фирми кои имаа за цел да одгледуваат канабис за медицински цели, а кои требаше да ја „размрдаат“ македонската економија. Експанзијата дојде во 2018 до 2019 година, кога и беа отворени повеќето фирми за одгледување на канабис и од кои се очекуваше огромен успех. Во меѓувреме ниту една од нив не оствари значителни приходи, поголемиот дел од нив се уште работат со загуби, а едвај неколкумина ги добија сите потребни лиценци за извоз.
Акционерското друштво Синцеритас, со седиште во Скопје и производствен погон кај Росоман, а инаку основана од македонски иселеник, има добиено околу 510.000 евра. Друштвото инаку има 60-тина вработени и позитивните резултати од работењето допрва ги очекува.
Флауер Пауер од Вевчани,основана од холандски државјани, меѓутоа и со домашни сопственици во структурата, од Владата доби неповратна помош од околу 390.000 евра. На третотот место со приближно иста сума е Аура Фарм од Кавадарци. На оваа фабрика и се исплатени 330.000 евра. Оваа компанија се уште го гради својот објект во Демир Капија, но најавува вработување на 40–50 лица од повеќе стручни области.
Недцанн Македонија работи од крајот на 2024 со производствен капацитет во Охрид кој е еден од најголемите затворени површини во Европа. На сметката на оваа фирма се префрлени безмалку 100.000 евра. Последна е Ендо Кана од Старо Нагоричане со 45.000 евра.
А.К.
