Економија, финансии, бизнис

Контакт

Комитетот за финансиска стабилност: Побавно постпандемично закрепнување и продлабочување на енергетската криза

Комитетот за финансиска стабилност: Побавно постпандемично закрепнување и продлабочување на енергетската криза

Финансискиот систем во земјава е стабилен, и покрај продолжената ескалација на геополитичките тензии создадени со воената инвазија на Русија врз Украина, како и глобалните предизвици поврзани со енергетската криза и високите стапки инфлација. Сепак, во услови на зголемена неизвесност уште повеќе е нагласена потребата за темелна процена на ризиците, соодветно управување со ризиците и натамошно градење капитал заради обезбедување поголем капацитет на финансиските институции за апсорпција на ризици. Надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат, да ги приспособуваат политиките во согласност со случувањата и да ја задржат финансиската стабилност којашто е приоритет. Ова се дел од констатациите од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на која се разгледаа најновите движења во финансискиот сектор.

Беше истакнато дека геополитичките тензии од воената инвазија на Русија врз Украина го влошуваат глобалниот амбиент, неповолно делуваат на економските изгледи и создаваат дополнителни притисоци врз цените на светските пазари на примарни производи и врз инфлацијата. Сево ова доведува до побавно постпандемично закрепнување и продлабочување на енергетската криза, којашто се одразува врз трошоците на живот, што ќе има соодветно влијание и врз активностите и профилот на ризичност во финансискиот сектор. За таа цел, неопходна е зголемена претпазливост при водењето на политиките, но и јакнење на добрите практики за управувањето со ризиците.

Осврнувајќи се на состојбите во банкарскиот сектор, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека и според најновите податоци заклучно со 30.9.2022 година, капитализираноста и ликвидноста на банкарскиот систем и натаму се на соодветно ниво, обезбедувајќи капацитет на банките за постојана кредитна поддршка на компаниите и домаќинставата, но и за апсорпција на можните неочекувани загуби од нивното работење. Таа истакна дека нефункционалните кредити се задржаа на историски ниско ниво.

- Стапката на адекватност на капиталот се зголеми за 0,4 процентни поени, до нивото од 17,7 отсто, што претставува максимална вредност забележана во изминатите десет години. Банкарскиот систем одржува солиден обем на ликвидни средства, кои му овозможуваат висока отпорност на шокови, но и капацитет за натамошна кредитна поддршка на реалниот сектор. Со оглед на ризиците од окружувањето, неопходна е зголемена претпазливост на политиките и јакнење на добрите практики за управувањето со ризиците од страна на банките. - рече Ангеловска-Бежоска.

Министерот Фатмир Бесими се осврна на работењето на финансиските и друштвата за лизинг, чие учество во финансискиот систем е мало, но дополни дека зголемувањето на активата во секторот финансиски друштва за 27,9 отсто и друштвата за лизинг за 15,4 проценти укажува дека овие друштва имаат постојан раст во финансискиот сектор и потребно е внимателно следење.

- И покрај намалените показатели на пазарот на хартии од вредност, споредбено со минатата година, тој е стабилен, без поголеми ценовни осцилации, a Комисијата за хартии од вредност и натаму се грижи овој сегмент на финансискиот систем да функционира непрекинато и без нарушување - истакна претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити.

Претседателот на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ‒ МАПАС, Максуд Али, истакна дека тековните глобални состојби како пандемијата, енергетската криза, воениот конфликт, порастот на стапката на инфлација и движењата на финансиските пазари се препознаени како од МАПАС, како регулатор и супервизор, така и од пензиските друштва како носители на процесот на инвестирање, односно управување со средствата на пензиските фондови. Инвестициските циклуси се анализираат и се проценуваат преку активностите за следење на приносот и ризикот, поттикнувањето промена на прописите, процената на можностите за инвестирање и истовремено за преиспитување на ризиците воспоставени во супервизијата врз основа на оцена на ризици.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски, во своето излагање нагласи дека во трите квартали од 2022 година продолжува растот на осигурувањата во двете групи, неживот и живот.

- Ова се одразува како во растот на обемот на полисираните премии и исплатените штети од осигурувањето, така и во поглед на вкупната актива и нето техничките резерви. Агрегираните финансиски резултати за првите три квартали од 2022 година покажуваат значително подобрување на профитабилноста во двата пазарни сегменти, во споредба со првите три квартали од 2021 година. Конзервативните политики и регулативата за вреднување на техничките резерви и вложувањата на средствата кои ги покриваат техничките резерви, како и високиот квалитет на инструментите кои се вклучени во пресметката на капиталот на друштвата на осигурување, се добра основа и гаранција за зачувување на солвентноста во работењето на друштвата. Вкупната актива на шеснаесетте друштва за осигурување на 30.9.2022 година за првпат во историјата го надмина прагот од 500 милиони евра. Повеќе од 2/3 од вкупната актива се високо ликвидни финансиски инструменти, од кои над 200 милиони евра се вложувањата во државни хартии од вредност - вели Шајноски.

На седницата беше истакнато дека сите финансиски регулатори ќе продолжат со координирано следење на состојбите и размена на релевантни информации и дека се подготвени да реагираат соодветно на случувањата, секој во рамките на надлежностите. Сите регулатори на финансискиот систем имаат доволно инструменти што може да ги користат доколку е неопходно, со што се гарантира дека финансиската стабилност ќе биде задржана и во следниот период.

Инаку со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски. Ова е првата седница на Комитетот за финансиска стабилност од носењето на Законот за финансиска стабилност кон крајот на јули годинава. Со овој закон се врамува и Комитетот за финансиска стабилност, како меѓуинституционално тело одговорно за следење на спроведувањето на макропрудентната политика во земјава и за координација на активностите при идентификувањето и следењето на системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем и на финансискиот систем во целина при преземањето макропрудентни мерки и подготовката и управувањето со финансиска криза. Со Законот се предвидува формирање два поткомитета: Поткомитетот за следење на системските ризици и предлагање макропрудентни мерки и Поткомитетот за управување со финансиската криза.

Слично

Поврзани вести