Комисиска расправа за законите за воздухопловство и железнички систем
Предлог-законите за изменување и дополнување на законите за воздухопловство и за железничкиот систем во прво читање се прифатливи и може да се дадат за натамошно читање, заклучија на денешната седница членовите на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија.
Во образложението на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за воздухопловство заменик-министерот за транспорт и врски, Тахир Хани посочи дека главно се работи за усогласување со Законот за јавно приватно партнерство и за концесии. Се предлага министерствата за внатрешни работи, за одбрана, односно за транспорт и врски да водат регистри за персоналот во воздухопловството кој врши и обезбедува работи од значење за безбедноста на воздухопловството, а кои се однесуваат на државните воздухоплови.
Со измените е предвидено воените аеродроми, леталишта и терени кои ги исполнуваат условите за безбедно слетување и престој на воздухоплови да се запишуваат во регистар на воени аеродроми, леталишта и терени кои ги води Министерството за одбрана. Со измените и дополнувањата меѓу другото е предвидено договорите за концесија или јавно приватно партнерство и правата и обврските кои произлегуваат од нив да можат да се пренесат со претходно писмена согласност од концедентот или јавниот партнер доколку со тоа не се загрозува континуираното и квалитетно воспоставување на концесијата или јавното приватно партнерство.
Како што појасни заменик-министерот Хани, и во Предлог-законот за изменување на Законот за железничкиот систем станува збор за усогласување со Законот за јавно приватно партнерство и за концесии. Со измените предвидена е постапката за тоа како се склучуваат договори за јавно приватно партнерство, а во таа насока одлуката да се донесува врз основа на физибилити-студија претходно изработена за оправданоста на таквото јавно приватно партнерство. Се предлага и утврдување на периодот за кој се доделува договорот за јавно приватно партнерство за изградба и за управување со дел или со цела железничка инфраструктура. Приватниот партнер, според измените, нема право да го пренесе склучениот договор на друго правно лице.
Слично
