Комисијата за хартии од вредност го опомена Централниот депозитар АД Скопје
Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија изрече јавна опомена на Централниот депозитар АД Скопје, бидејќи спротивно на Правилата за работа на ЦДХВ операторот на сметки извршил промена на адресни податоци на лице-сопственик на хартии од вредност.
Согласно Правилата за работа на ЦДХВ, операторот на сметки треба да постапува само по претходна и целосна проверка на документацијата, потребна да се утврди идентитетот на сопственикот на хартиите од вредност .
Исто така на седницата што се одржа на 5 јули Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на ЕЈ СИ ЕМ Консулт ДООЕЛ Софија му даде согласност да стекне квалификувано учество во друштвото за управување со инвестициски фондови Иново Статус АД Скопје, односно да се стекне со акции со право на глас чиј кумулативен износ надминува 50% од вкупно издадените акции со право на глас на друштвото.
Од денот на добивање на согласноста од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија ќе почне да тече законскиот рок од 90 календарски дена во кои ЕЈ СИ ЕМ Консулт ДООЕЛ Софија ќе треба да се стекне со акциите. Инаку, ЕЈ СИ ЕМ Консулт ДООЕЛ Софија има намера да поседува 100% од вкупно издадените акции на Иново Статус АД Скопје, односно 132.645 акции со право на глас.
