Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колумната поради која новинарката доби отказ од Сител

Колумната поради која новинарката доби отказ од Сител
Новинарката Кристина Атовска, која водеше утринска програма на Сител е избркана од телевизија затоа што на еден портал објавила колумна со која ја искритикувала власта и екс- министерката за внатрешни работи Јанкуловска.

Ви ја пренесуваме колумната на новинарката објавена на порталот Позитив:

Новинарски имунитет за Јанкуловска

Двојните стандарди на партиите и еднобојните ставови на медиумите. Класичен школски пример како не се прави интервју, ако воопшто може да се нарече интервју. Поранешната министерка, Гордана Јанкуловска одговара на прашањата на колешката од Алфа, Катерина Гетева. Да беше соговорникот било кој друг поличитар можеби и немаше да бидам толку испровоцирана да критикувам. Но, кога Јанкулоска критикува… (министерка од која многупати се бараше оставка во изминатите пет години и која упорно одбиваше да си замине од удобната фотеља се до посетата на американската амбасада по кумановските случувања), навистина сакам да го поставам прашањето: Нели ви е срам.

Колешката го отвора интервјуто со прашање за вчерашните нереди и барањето за оставка на Спасовски, а првиот збор на Јанкуловска е СРАМНО. Навистина е срамно. Срамно е Јанкуловска да зборува за противправно лишување од слобода како мерка за притисок. Притворените студенти од протестот се сеќаваат на оваа мерка на Јанкуловска. Томислав Кежаровски, а и Љубе Бошкоски исто така имаат многу да кажат на оваа тема. Срамно е да зборува за ПРАВНА држава, министерката која себе си се смета за посилна од правото. (Последната одлука на Уставен суд за можност за помилување за изборен криминал го докажува тоа). Така, дури и во случај да биде осудена, (случај оспоруван од судиите) таа ќе биде помилувана. Уставно. Па така Јанкуловска е над Уставот. Навистина правна држава. Срамно е Јанкуловска да зборува за двојни стандарди кога сите се сеќаваме на нејзините зборови од бомбите: државна работа на првиот кат, партиска работа еден кат погоре – две во едно. Контрадикторна е изјавата дека министерот е виновен за повредените полицајци, не беше таков нејзиниот став кога таа беше министерка.

Меѓудругото, ме изреволтира изјавата за вчерашниот протест пред МВР дека граѓаните се со право револтитани. Госпоѓо поранешна министерка, нели беа граѓаните со право револтирани кога во многу наврати бараа оставка од Вас? Да почнеме од Мартин Нешкоски – младо момче убиено од припадник на специјалните сили – кое се обиде само да се ракува со неговиот премиер и да му ја честита победата во 2011 година. МВР прво се обиде да го сокрие случајот, но не успеа. Со месеци граѓаните бараа правда и оставка од министерката. Јанкуловска беше глува на ваквите барања и очигледно револтот на граѓаните не и бил оправдан. Во март 2012, од Јанкуловска се бараше оставка за убиството на двајцата млади луѓе од Гостивар од страна на полициски службеник. Како и во случајот со убиениот Мартин Нешкоски, тие бараа оставка од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и портпаролот Иво Котевски. И Стојанче Ангелов, побара оставка од Гордана Јанкуловска, поради нелегитимните избори преку кои дошла на функцијата, како и поради запоставувањето на бранителите и инвалидите од војната. Граѓаните протестираа и бараа оставка поради прикривањето на докази за смртта на новинарот Никола Младенов. Минатата година, 2015 ја одбележаа протести и барања за оставка. Чудно како толку месеци и години, револтот на народот не бил оправдан. Дали навистина поранешната министерка има кредибилитет да зборува за туѓа оставка?

Секако интервјуто не можеше да помине без Јанкуловска да нагласи дека постапките на СЈО се поклопуваат со политичката агенда на СДСМ. Специјалното јавно обвинителство сега е бојкотирано од поголем дел од македонските институции, како и од Уставниот суд, а за Јанкуловска тоа е политика на СДСМ. Госпоѓата поранешна министерка дрско го напаѓа специјалното обвинителство затоа што очигледно тоа е едниствената институција во државата што може да покрене обвинение против неа. Сепак, нема од што да се плаши. Дури и некој суд да ја осуди, таа ќе биде помилувана од претседателот. Навистина СРАМНО.

Како новинар не можев да не се најдам испровоцирана од колешката која го водеше интервјуто. Прво, прашањата не беа прашања туку констатации. Сите, формулирани да наведуваат против Спасовски или да ја пофалат работата на Јанкуловска во нејзино време. Колешке, извинете што ви се мешам во работата, но ироничното прашање „како непрофесионалната полиција на Јанкуловска стана професионална полиција на Спасовски?“ јас би му го поставила на Спасовски. Исто како и прашањата за протестот против него и барањата за негова оставка. Тоа треба да го одговори Оливер Спасовски, а не Гордана Јанкуловска. На Гордана Јанкуловска би и поставила прашање поврзано со нејзината работа во министерството и со нејзините дела. Вакво прашање не слушнавме во интервјуто. Би сакала да знам зошто никогаш не одговори на ниту едно барање за нејзина оставка, за многуте случаи кога тоа од неа се бараше. Би ја прашала за сите обвинувања против неа, почнувајќи од случајот Нешковски, преку Смилковско езеро, кумановските настани, па и обвинувања на опозицијата за нејзиното брзо богатење. Прашањата за пропустите на Спасовски треба да му бидат поставени лично нему. Прашањата за пропустите на Јанкулоска треба таа да ги одговори. Малку сме ги „побркале лончињата“ во целата оваа политичко медиумска каша.

За крај, поранешната министерка кажа дека и било задоволство да одговара на прашањата. Се прашувам дали со истото задоволство ќе одговри и на некои други прашања. Како што се изрази поранешната министерка во интервјуто, ЕКЛАТАНТНО сум изреволтирана што ниту еден политичар не презема одговорност за своите дела, а голем дел од новинарите (и тоа од оние добрите новинари) одбиваат да ги постават вистинските прашања на вистинското место.

Автор: Кристина Атовска

Слично

Поврзани вести