Колку заработи државата од продажба на вода на земјоделците за две години?
Водата е уставна категорија загарантирана за сите граѓани на Македонија, а освен за пиење и туширање ја користиме и за наводнување на земјоделски површини. Државната монополска компанија „Водостопанство на Македонија“ во 2015 и во 2016 година од продажба на вода за наводнување остварила добивка од вкупно 1,6 милиони евра! Од тоа во 2015 година добивката е 1 милион евра. Замислете профитот од 1 милион евра во 2015 година е остварен од приход од продажба кој е понизок од 3 милиони евра, а профитната маргина е 37 отсто. Во 2016 година профитната маргина е 13,5 отсто од приходите од продажба. Нормално ли е ова, државна фирма – монопол која продава вода за наводување да има толкава профитна маргина?
Државното акционерско друштво „Водостопанство на Македонија“ во 2015 и во 2016 година остварило профит од 1,6 милиони евра! Покажуваат официјалните податоцо од извештајот на независната ревизорска куќа која правела ревизија на работењето на оваа голема државна компанија која стопанисува со водата за наводнување на сите земјоделски површини во Македонија.
Податоците покажуваат дека ова државно претпријатие во 2016 година остварило 38,76 милиони денари профит односно околу 627.000 евра и уште 64,42 милиони денари добивка во 2015 година односно 1,04 милиони евра.
Основна дејност на ова државно претпријатие што беше основано во 2015 година е токму снабдување со вода за наводнување ( н.з. пред се на земјоделски површини) и останатите дејности му се чистење на речни корита, одводнување. Ова јавно претпријатие стопанисува со целата државна мрежа за наводнување ширум нашата земја. Оваа државна компанија има дирекција и уште 12 подружници ширум државата.
Во 2016 година оваа државна компанија вработувала 500 лица, а во однос на 2015 година нивниот број пораснал за повеќе од 100 нововработени. Во 2016 година за бруто плати на вработените се исплатени над 169 милиони денари и тоа е 59 отсто од целиот приход од продажба што друштвото го остварило во 2016 година.
Р.Ф.