Колку вредат македонските отворени инвестициски фондови и во што вложија 178 милиони евра?
Иако се неспоредливо помали и помлади од традиционалните и класични „чекмеџиња“ на банките, отворените инвестициски фондови се финансиска индустрија со голем потенцијал! Оваа мала, но одбрана дружина од млади момци и девојки имаат капацитет, самодоверба, знаење, а и храброст да привлечат инвеститори и 2022 година да ја затворат со нето вредност од 178 милиони евра. Нивното време допрва доаѓа, а тие се пионери на диверзификацијата во вложувањето затоа што знаат да вбризгаат адреналин во „мрзливите пари“ распослани по банкарски сметки... За нив допрва ќе се слуша
Малолетната македонска индустрија на инвестициски фондови на крајот на 2022 година вреди 178,6 милиони евра! Резултатот е за почит особено ако се знае на кое ниво кај нас е културата на вложување наспроти меинстримот кој се сведува на заштеда во банка, чување пари во сеф или традиционалното - дома под перница.
Во регистарот на Македонската берза за хартии од вредност, единствен национален оператор за тргување со акции, удели на фондови и обврзници впишани се вкупно 20 отворени инвестициски фондови со кои управуваат шест друштва специјализирани за оваа дејност.
Од оваа класификација се исклучени отворените доброволни фондови на друштвата кои управуваат со средства на идните пензионери.
Кои се најголемите инвестициски фондови и во што вложуваат најмногу пари?
Од дваесетте излистани фондови два се издвојуваат како најголеми. Едниот вложува во пари, а другиот во акции на светски компании. Најголема нето вредност на вложувањата на крајот на 2022 година има „КБ Публикум паричен“. Тоа е отворен инвестициски фонд кој на крајот на годинава вреди 44,76 милиони евра, а најголем дел од средствата ги вложува во депозити и ги оплодува од камати. Со овој фонд управува инвестициското друштво КБ Публикум кое е најголема домашно-поседувана компанија за управување со инвестициски фондови.
Втор по големина фонд на крајот на 2022 година е ВФП Премиум инвест, неговата вредност е 42,17 милиони евра и најголем дел од средствата ги вложува во најпознатите светски компании чии акции котираат на сите значајни светски берзи. Воедно овој фонд вложува и во компании кои имаат имиџ на високо-дивидендни акции.
Трет најголем е фондот „Генерали Кеш депозит“ со кој управува истоименото друштво. Овој фонд на крај на 2022 година вреди 18,47 милиони евра.
Изненадувачки и охрабрувачки е тоа што на четвро место на оваа листа е инвестицискиот фонд „МБИ -10“ кој чува 14,44 милиони евра во најдобрите 10 акции на македонски компании кои котираат на нашата берза. Со овој фонд управува друштвото КБ Публикум од Скопје.
Што се однесува до обврзниците како инструмент во кој се вложува најголем специјализиран фонд од овој тип управува друштвото ВФП. Фондот се вика „ВФП 100% бонд“ и вреди 5,24 милиони евра.
Најмногу фондови, вкупно шест, управува друштвото КБ Публикум, а по четири фондови водат друштвата ВФП, Генерали и најновиот учесник на овој пазар „Вега“.
По еден фонд водат првоформираното друштво „Иново Статус“ и „Граве“.
Прегледот на фондовите е достапен на следниот линк https://mse.mk/mk/open-end-investment-funds-yield
Р.Ф.foto freepik.com/lemonsoup14
