Колку таблетите ќе им бидат од корист на студентите?
Вчера пред пратениците по скратена постапка се најде Законот за издавање на вредносни бонови – ваучери за Таблет и истиот беше изгласан со 63 гласа ЗА .
Ваучерот ќе изнесува 8000 денари и редовните студенти од семејства во кои месечните приходи не го надминуваат износот од 32.741 денари бруто приход и кои првпат се запишани во трета и четврта година на студии на високообразовните установи, како и за студентите кои се евидентирани како лица со посебни потреби запишани во било која година на студии ќе може да го искористат за купување на таблет со тастатура.
Од Буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација за спроведување на овој Закон ќе треба да се издвојат 96.000.000 денари а ваучерите ќе може да бидат искористени до 25 јуни годинава.
Во јавноста коментарите по ова прашање се различни.
Според едни таблетите ќе им бидат од корист на студентиве, а според некои истите ќе им служат само за се освен за потребите на факултетот.
Од студентскиот пленум во врска со таблетите велат дека добро е што Владата се сетила на оваа категорија граѓани, но не го одобруваат законот бидејќи претставува обид да се скријат вистинските проблеми во образованието.
Многумина сметаат дека подобро би било парите да се искористат за други цели како реновирања на студентските мензи, тоалети, лифтови...
