Колку странски јазици треба да познава еден добар рецепционер?
Во огласите за вработување на кои се бара рецепционер, некаде е наведено дека кандидатот треба да зборува англиски јазик, а познавањето на други странски јазици ќе се смета за предност. Но, има и огласи каде стои дека основен англиски е доволен за оваа работна позиција.
Рецепционери најчесто се бараат за во туристичките места, додека во другите градови тоа поретко се случува. Луѓето од овој сектор велат дека во туристичките градови, рецепционерите треба да имаат подобри јазични вештини затоа што има голема фреквенција на посетители од различни земји.
„Што повеќе јазици знае рецепционерот, тоа подобро. Во последниве години имаме најмногу турски гости, добро е и турски јазик да се знае. Англискиот е јазик кој е интернационален, задолжителен, а сѐ друго е плус. Ретки се, но сепак има рецепционери што зборуваат по три јазици. Има рецепционери што зборуваат германски, англиски, полскиот јазик е исто интересен, имаме многу гости од Полска. Што се однесува до шпанскиот јазик послабо имаме некој рецепционер да го зборува. Потребен е и албански за гости од Албанија. Имавме Холанѓани редовно од 2010 година наваму, со исклучок на периодот додека траеше пандемијата на коронавирусот, ама многу малку од рецепционерите научија холандски, само по некој збор колку да ги насмееме гостите“, вели Крсте Блажески од ХОТАМ.
Поголемите хотели имаат по десетина рецепционери, а помалите двојно помалку од нив.
„Англискиот јазик се бара најмногу, но и грчкиот ни е потребен, ние имаме гости од Грција. Двајца од персоналот знаат грчки јазик и го користат кога е потребно“, објаснуваат од хотел во Дојран.
Истражувањата направени во странство за рецепционерите покажуваат дека од нив обично се очекува да зборуваат најмалку два јазика, при што англискиот е задолжителен. На дестинации со голем број туристи, познавањето на трет јазик е високо ценето или потребно за унапредување.
Сања Атанасовска