КОЛКУ СИ ОТИШЛЕ, ТОЛКУ ДА СЕ ПРИМАТ - Владата во нов обид да ги контролира вработувањата во државниот сектор, дали намерите се вистински
Иако тоа одамна го ветува и најавува, дека конечно ќе воведе ред во трошењето пари во јавните и државните претпријатија и агенции, особено кај оние кои што постојано работат со загуби и трупаат долгови, но тоа тешко и успева, Владата сега прави уште еден обид да ги контролира вработувањата кај „државните трошаџии“.
Тоа овој пат го прави преку предлог закон за измени и дополнувања на Законот за извршување на Буџетот, каде клучна измена што се предлага е да се контролираат вработувањата во јавните и државните претпртијатија, особено кај оние кои продуцираат минуси во своето работење, при што кај нив треба да биде строго прецизирано под кои услови ќе смее да се вработат повеќе лица од бројката на оние што си заминале од таа институција.
Или, како што навеле од Владата во своето образложение, сакаат да постигнат ефикасно и ефективно трошење на народните пари.
Со оглед што станува збор за законски измени, не може да се согледа прецизно какви точно измени предлага Владата. Ова е всушност клучниот член од законските измени.
„Во Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, член 20 ставот (4) се менува и гласи: „За вработувањата од став (3) на овој член Владата донесува Одлука за одобрување на вработувањата, по претходно доставена информација од страна на правниот субјект“, се вели во законскиот член кој е прв од измените и кој треба да ја обезбеди контролата на вработувањата.
Додека, пак, во образложението кое го дала Владата, а која е предлагач на Законот, се вели дека со овој член се врши „прецизирање на постапката за вработување во jавните претпријатија, агенции и јавно-правните субјекти основани од централната власт, како и трговските друштва основани од РСМ кои имаат остварено негативен финансиски резултат и бараните вработувања се поголеми од одливите на вработени во тековната година“.
Или, ова во превод би значело дека кога овој закон би се донел, многу попрецизно ќе се дефинира во кои услови треба да вработуваат државните загубари.
Предлагач на овие законски измени е Владата, која навела дека нивно основно начело е рационално, економично, ефикасно и ефективно трошење на средствата од корисниците на Буџетот, како и законитост и одговорност при користењето на тие пари. Се наведува и дека за спроведување на овој закон потребните финансиски средства се обезбедени со Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, односно неформалниот ребаланс. Исто така, се предлага овие законски измени да се донесат по скратена постапка, бидејќи биле исполнети условите од членот 170 од Деловникот.
Некои познавачи сметаат дека овде не станува збор за драматични измени на законската регулатива, кои премногу би ја подобриле состојбата со непродуктивните, а често и партиски вработувања во државниот сектор.
А кои се всушност најголемите државни загубари каде ќе се контролираат вработувањата, односно тие ќе се вршат со јасен план и услови?
Министерството за финансии секој квартал ги објавува податоците за финансиските резултати за 30 државни претпријатија и акционерски друштва, а последни бројки што се објавени се оние заклучно со првиот квартал од оваа година.
Според тие податоци, повеќе од половината од овие фирми се загубари, или такви се 16 државни претпријатија. Најголеми загуби имале главно и оние кои се најголеми државни должници. Првц најголем загубар е ЈП Железници инфраструктура, и тоа за првиот квартал нивниот негативен финансиски резултат е на сума од 2,64 милиони евра. Втор најголем загубар биле ЈП Железници Транспорт, со негатива за првите три месеци од 2,3 милиони евра. На третата неславна позиција се ЈП Национални шуми, со огромни загуби од 1,83 милиони евра.
Државни загубари со позначајни негативи се и АД Водостопанство, ЈП Стрежево, Пошта, М-НАВ, ЈП Злетовица, и други.
Н.Н.Ф.
