Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колку плаќаат државните институции за електрична енергија?

Колку плаќаат државните институции за електрична енергија?

Колку ќе заштеди државата доколку институциите ја купуваат електричната енергија од ЕСМ Продажба, наместо од снабдувачите на слободниот пазар? Една од последните одлуки на Владата е тоа што го задолжи Министерството за економија, во соработка со Бирото за јавни набавки да понудат предлог-решение согласно кое ќе им се овозможи на државните институции набавка на електрична енергија од ЕСМ продажба по поевтини цени од оние на отворениот пазар.

Експертите засега се со став дека заштедата најмногу ќе зависи од должината на времето за кое ќе се изменаџира набавката на големите количества на јаглен, пред се за РЕК Битола. Велат дека разликата во цените нема да биде воопшто поголема доколку ЕСМ не го зголеми домашното производство. Од „Отворени финансии“ можевме да извлечеме податоци според кои може да се види дека некои државни институции, како министерства и општини, плаќаат високи суми за месечните фактури. Во оваа евиденција не се вброени јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост.

„Футуре Енерџи Трејдинг“ најмногу наплаќа од Општина Тетово од која најголема месечна  фактура годинава е 2,5 милиони денари, од Општина Струга највисоката сметка била 1,9 милиони, а од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ е 2,32 милиони. Вкупните фактури во месец октомври што ги наплатил овој снабдувач од Службата за општи и заеднички работи на Владата се околу 5 милиони денари.

Министерството за одбрана на „ЕВН Хоме“ во месец октомври за снабдувањето со електрична енергија му исплатило повеќе од 40 милиони денари. Претходно поголемиот дел од сметките му ги плаќало на „Енерџи Активе“.

Кога сме веќе кај „Енерџи Активе“, кај Општина Гостивар забележува помала наплата во последно време, но во мај наплатил 3,2 милиони денари од две сметки. Оваа компанија од казнено поправниот дом „Идризово“ месечно наплаќа од 700.000 до 1,65 милиони денари. Само во април од Министерството за внатрешни работи наплатило околу 32 милиони денари за струја.

„Соларпро“ бележи исто така намалена активност во наплатата, а најголем клиент му е Министерството за финансии со околу милион денари во месец октомври. Слична сума во септември му исплатил Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Најголем муштерија на „Мист Енерџи“ му е Собранието со месечни сметки од 650.000 денари до 1,2 милиони. На „У Повер“ годинава месечни сметки по милион денари знаеле да му платат општините Велес, Центар, Аеродром и Битола, а Град Скопје плаќал и до 2,8 милиони.

А.К.

Слично

Поврзани вести