Колку плаќа „Лидл“ за купување на земјиште во Македонија?
Акционерското друштво „Технокомерц“ преку информација доставена до Македонска берза потврди дека еден од објектите и земјиштето што му ги продал на интернационалниот малопродажен синџир „Лидл“ во Македонија чинел 1,5 милиони евра.
Во ревизорскиот извештај доставен до Македонска берза се нагласува дека на „Лидл“ во јули 2025 му е продаден објект како недвижнина од 1.026 метри квадратни со земјишна површина од 2.056 метри квадратни.
„Во 2025 година извршена е продажба на недвижност со површина 1.026м2 и земјиште со површина 2.056м2, согласно преддоговор за продажба на недвижност за износ од 1.500.000 евра“, објавено е во ревизорскиот извештај.
Технокомерц АД Скопје е една од постарите македонски компании во областа на тешката механизација, транспортната опрема и индустриските резервни делови. Компанијата продава камиони, градежни машини, индустриска опрема, резервни делови и сервиси за транспортниот и градежниот сектор. Локацијата на продажбата досега не е откриена од страна на „Технокомерц“, освен тоа дека е во Скопје. Лидл, од друга страна, се уште не започнал активно да работи со малопродажба во Македонија, но веќе регистрираше неколку подружници како идни маркети во земјата.
Претходно, во берзанската објава на АД Скопски пазар за продажбата на поранешниот објект „Бриколаж“ на Лидл Северна Македонија објави дека трансакцијата изнесувала 9.564.485 евра без ДДВ. Подоцна консултантската компанија што ја посредувала продажбата објави повеќе детали и наведе дека станува збор за: земјиште од околу 16.000 метри квадратни во Гази Баба; Бруто-површината не беше објавена, но денес Лидл на истата локација гради маркет со вкупна површина од околу 2.500 м² (од кои околу 1.500 м² продажен простор) и дел од старата структура очигледно е урната или целосно реконструирана. Општина Куманово во 2023 година му продаде на Лидл земјиште за идниот логистички центар во новата индустриска зона кај Горно Коњаре по цена од 1.906 денари од метар квадратен. Површината од 170.996 метри квадратни беше продадена за околу 5,3 милиони евра) Локацијата е во индустриската развојна зона Горно Коњаре, на месностите Новине и Речица, каде што Лидл гради централен логистички дистрибутивен центар за Македонија. Општина Куманово објави дека на електронската аукција учествувале три компании и цената била наддавана А.К.
