Економија, финансии, бизнис

Контакт

Парите од патарините се трошат на кредити

Парите од патарините се трошат на кредити

ЈПДП за три месеци прибрал 23,8 милиони евра, а од нив од патарини се 8 милиони евра. Дали знаете дека од тоа што сме платиле за точење гориво на бензинските пумпи во ЈПДП завршиле над 10 милиони евра, а од новите регистрации за возила до крај на март инкасирале 5,4 милиони евра. Од собраните пари за негативни курсни разлики се платени 9,4 милиони евра, амортизацијата е трошок од 7 милиони евра, а на безимената компанија што ја знаеме како „Македонијапат“ се префрлени 5,4 милиони евра и на општините за локалните патишта уште 2,6 милиони евра. ЈПДП годинава ќе има за трошење околу 100 милиони евра

Во моментите кога најактуелна е новата патарина на автопатот во близина на Гевгелија која воедни и ќе биде најскапа делница „Фактор“ со цел објективно и прецизно информирање анализира на тема од каде се собираат парите со кои располага државното Јавно претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и каде и за што се трошат тие пари?

Периодот што е предмет на оваа анализа се првите три месеци годинава.

Најголеми приходи ЈПДП не остварува од наплата на патарини туку од надоместокот од акцизата на горивата што ја плаќаме кога полниме на бензинските пумпи во земјава. За првите три месеци годинава по тој основ се собрани 10,17 милиони евра, а за цела година се планирани околу 50 милиони евра. Во споредба со истиот период лани наплатата е помала за незначителни 2 отсто. Патарините се втора приходна ставка на ЈПДП. За првите три месеци се собрани 8,05 милиони евра и тоа е за 4 отсто повеќе од собраното во истиот период лани. Планирано е годинава по таа основа да се соберат 44,7 милиони евра. Трета по големина приходна ставка се парите што ги плаќаме при регистрација на возила таканаречена патна такса. По тој основ за првите три месеци се собрани 5,45 милиони евра и тоа е за помалку од 2 отсто послабо од истиот период лани. Вкупните приходи на ЈПДП за овој квартал (јануари – март) се 23,82 милиони евра.

Во овој период вкупните расходи се 26,19 милиони евра и тие се за 2,37 милиони евра поголеми од приходите на ЈПДП.

Најголемата расходна ставка се финансиските расходи кои изнесуваат 9,38 милиони евра и кои се наменети за плаќање на странските кредитни линии за изградба нови и рехабилитација на постоечките патишта. Лани истиот период друштвото платило 250 пати помалку пари за оваа намена. Во јавно достапниот извештај пишува дека ова се трошоци заради негативни курсни разлики. Во извештајот пишува дека во оваа сума произлегува од задолженоста на ЈПДП по основ на странски кредити односно од нивното користење и отплата.

Амортизацијата за првите три месеци изнесува 7 милиони евра.

Трет најголем трошок на ЈПДП  е фактурирањето кон „Македонијапат“ фирмата која сега нема име. За првите три месеци годинава за таа намена т.е. за одржување на јавните патишта се платени 5,46 милиони евра. Следува расходот за единиците на локална самоуправа за одржување локални патишта и улици. За таа намена се прфрлени 2,57 милиони евра.

ЈПДП вработува повеќе од 440 лица, а просечната нето плата во тоа претпријатие е 38.888 денари. Со друштвото раководи Зоран Китанов, човек од голема доверба и близок соработник на премиерот Зоран Заев.

ЈПДП е мошне транспарентна компанија , за македонски стандарди на работење, затоа што објавува голем квантум детални финансиски податоци достапни на нејзината веб страница. Што се однесува до наплатата на патарина ЈПДП управува со вкупно 18 наплатни центри од кои 4 не се изградени, а од вчера се ставени во функција нови 2 во близина на Гевгелија. 

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести