Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колку пари се одлеани од државната каса за кандидатурата на Керим за прв човек на ООН?

Колку пари се одлеани од државната каса за кандидатурата на Керим за прв човек на ООН?

По четвртиот круг од гласањето за кандидатите за нов Генерален секретар на Обединетите Нации што се одржа вчера, македонскиот кандидат Срѓан Керим се искачи на четвртата позиција. Пред него и натаму убедливо на првото место е Португалецот Антонио Гутјереш, зад него е словачкиот кандидат Мирослав Лајчак и на третото место според бројот на гласовите на последното гласање е кандидатот од Србија Вук Јеремич.

Срѓан Керим, дипломат и бизнисмен, е македонски кандидат за функцијата Генерален секретар на ООН на предлог на Владата. Кандидатурата беше објавена на 19 септември минатата година.

Образложението на Владата беше дека Керим е вистинскиот човек за оваа функција и дека за мала земја како Македонија е од особена важност да има кандидат за Генерален секретар на Обединетите нации. Тоа би било големо признание за македонската дипломатија во светски рамки, ако се знае дека да се биде прв човек на оваа организација не е само најпрестижно достигнување туку и една од највлијателните позиции во меѓународната заедница.

Во време кога беше објавена кандидатурата Керим се уште беше на менаџерската позиција во весниците на „Медиа принт Македонија“ (МПМ). Неколку месеци подоцна тој си замина од МПМ, а во февруари се вдоми во Владата како советник на премиерот Емил Димитриев.

Парите за промоција на Керим ги кешира МНР

Финансирањето, логистиката и лобирањето во трката за прв човек на Обединетите Нации Керим ги добива од државната каса, односно од буџетот на Министерството за надворешни работи. Колку пари досега се потрошени за промоција на македонскиот кандидат засега се држи во тајна.

Пратеничката од СДСМ, Лидија Димова, од собраниската говорница ова прашање му го упати на премиерот Димитриев.

„Колку пари се потрошени и вложени во кампањата за Срѓан Керим да биде претставник на Македонија за Генерален секретар. Колкумина има неговиот тим? Дали во моментот кога земавте бизнисмен да го понудите како кандидат од оваа држава, склучивте некаков договор со него особено ако ја знаеме практиката на вештината на ставање 750 илјади евра во шише? Исто така ако се знае дека господинот Керим е познат по неговиот екстравагантен вкус и во сите овие држави каде што патува троши државни пари и сметам дека е многу корисно ако одговорите точно колку пари се ставени во таа функција и дури сметам дека ќе биде многу корисно за јавноста ако побарате Државниот завод за ревизија да направи ревизија токму на овие средства што се потрошени за господинот Керим.“, побара одговори пратеничката Димова.

Премиерот Димитриев, кој сега му е шеф на Керим, рече дека е малку изненаден од контекстот како опозицијата гледа на целиот процес околу изборот на Генерален секретар и околу кандидатурата на Република Македонија преку Срѓан Керим за оваа позиција. Димитриев бил задоволен од досегашната позиција во трката, со оглед дека Керим добива се повеќе поддршка од земјите кои се во Советот за безбедност и гласаат за него.

„Околу трошоците јас можам да ви кажам дека за сега трошоците ги покриваме од Буџетот на МНР. Целата работа околу избор на Генерален секретар не е завршена и можеби е добро кога ќе заврши целата процедура да ги кажеме трошоците кои што биле потрошени за нашата кандидатура“, рече Димитриев, кој додаде дека сите кандидати лобираат, гостуваат во други земји и ги промовираат своите програми.

14233703_10209892735691012_987869894_o

Македонскиот кандидат имаше интервју во магазинот „Тајм“ и уште неколку други реномирани весници. Медиумите објавија и дека тој престојувал во Јужна Америка каде што со амбасадорот Ивица Боцевски посетувал повеќе држави во потрага по поддршка за генерален секретар на Обединетите Нации.

Керим на последното тајно гласање беше на шестото место, од вкупно десет кандидати. Вчера направи скок од две позиции погоре. Следниот круг на гласање е на 26 септември. На крајот, кога ќе заврши тајното гласање од земјите во Советот за безбедност, избраниот кандидат треба да го изгласаат 193 земји членки на Генералното собрание на ОН. Но, треба да се земе предвид дека петте постојани членки – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција имаат право на вето врз кандидатите.

Мандатот на актуелниот Генерален секретар, Бан Ки­мун, истекува на 31 декември 2016 година. Според најавите, новиот Генерален секретар треба да дојде од една од петте регионални групи, овој пат треба да биде групата од Источна Европа. Па, така и Керим се надева дека има шанси тој да биде наследникот на Бан Кимун.

Дипломат и бизнисмен со уметничка душа

Д-р Срѓан Керим, како што инсистира да го ословуваат и да ја потенцира  неговата докторска титула, е роден во Скопје на 12-ти декември 1948 година во семејството на Олга и Асан Керим. 44

14315507_10209892733250951_676896980_o

Заедно со неговата сестра Сузана поголемиот дел од детството го поминуваат во Скопје, Истанбул, Минхен и Белград. Учел во средно католичко училиште во Минхенската „Theresien Gymnasium“ како и во Петта Белградска Гимназија. Дипломирал на Факултетот за економија при Универзитетот во Белград во 1971 год. и докторирал на тема од интернационална економија во 1982 год. Тој е оженет и има три деца и две внучиња.

Има и своја интернет страница ( http://www.srgjankerim.com ) во која за себе вели дека „покрај неговиот исклучително голем ангажман, тој наоѓа време и да пишува, но и да ја задоволи својата страст кон уметничката фотографија. Вели дека е автор на 11 книги, на теми од меѓународна политика, економија и младите вклучувајќи една збирка поезија и дека напишал повеќе од 100 научни трудови.“

Се уште лебди аферата „Евра во шише“

Срѓан Керим од 2000 до 2001 година  беше министер за надворешни работи во владата на ВМРО-ДПМНЕ водена од Љубчо Георгиевски, додека во деведесеттите беше амбасадор на Македонија во Германија. Во неговата дипломатска биографија запишана е и функцијата претседавач на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации во периодот од 2007 до 2008.

Она што остана недокажано и неоткриено поврзано со името на д-р Керим е аферата „Евра во шише“, кога во 2008 унгарските цариници открија 750.000 евра во кеш кај возачот на „Медиа принт Македонија“, Душко Огњановски, пари кои тој, иако имал обврска, сепак не ги пријавил кога ја преминувал границата. Возачот пред унгарските власти објаснил дека еврата ги носи од МПМ во централата во Виена.

М.Ј.

Слично

Поврзани вести