Колку пари прави квасецот „Диго“ ?
Битолската фабрика за квасец и алкохол лани остварила приходи од 459,3 милиони денари односно 7,44 милиони евра, покажуваат податоците од финансискиот извештај на таа компанија објавен деновиве на Македонската берза. Оваа компанија, единствена од таков тип во земјава, чиј најпознат бренд е квасецот „Диго“ лани остварила добивка од 16,4 милиони денари, што е подобар резултат за 1,4 милиони денари од 2015 година. Податоците од извештајот покажуваат дека лани Квасара имала мал пад на приходите од продажба во споредба со 2015 година кога тие изнесувале за 22,7 милиони денари повеќе од лани. Приходите од продажба лани биле помали за 4,7 отсто.
Расходите на Квасарата лани изнесувале над 437 милиони денари, а најголема расходна ставка на компанијата се потрошените материјали и ситен инвентар кои изнесуваат 232,2 милиони денари и во споредба со 2015 година се речиси исти.Позначајно намалување на трошоците компанијата бележи кај ставката останати оперативни расходи кои се намалени лани за 25 милиони денари до износ од 106,9 милиони денари. Трошоците за вработените се трета по големина расходна ставка и изнесуваат 73,9 милиони денари.
Финансиските расходи лани удвоени во споредба со 2015 година
Податоците од билансот покажуваат дека компанијата лани има значајно зголемување на ставката за финансиски расходи во споредба со 2015 година. Од друга страна билансот на состојба во делот на обврски покажува дека Квасара има само 4,2 милиони денари краткорочни кредити и дека во 2015 година немала воопшто краткорочни кредитни обврски. Од достапните податоци во билансот не може да се види дека Квасара има долгорочни кредити. Сепак финансиските расходи на фирмата лани се на ниво од 4,47 милиони денари и се удвоени во однос на 2015 година.
Квасара има над 2 милиони евра во побарувања од клиенти
Значајна ставка кај оваа битолска компанија се побарувањата од коминтентите. Имено тие на крајот на 2016 година изнесувале 130,66 милиони денари и се за 15 милиони денари пониски од 2015 година, но сепак се значајна ставка во билансот на компанијата. Воедно компанијата за дадени аванси побарува уште над 24 милиони денари, а вредноста на нејзините залихи на крајот на 2016 година биле 2 милиони евра.
Квасара е во релативно солидна кондиција затоа што е компанија која многу повеќе побарува одошто должи. Така нејзините обврски спрема добавувачи и партнери лани биле 39,43 милиони денари и се помали за 15 милиони денари во однос на 2015 година. Важен показател е и акумулираната добивка која надминува 207 милиони денари на крај на 2016 година, а резервите изнесуваат 158,4 милиони денари.
По што е посебна битолската Квасара
Ова компанија е една од ретките во земјава која и по 25 години од транзицијата од плански во пазарен систем уште на одреден начин се води како во време на Самоуправувањето. Компанијата има 277 акционери – домашни физички лица кои поседуваат 97 отсто од акциите со право на глас и нема ниту еден акционер кој поседува над 5 отсто од управувачките права. Компанијата има издадено 12.500 акции со право на глас.
Р.Ф.