Колку пари прават македонските пиварници?
Двете пиварници заедно лани имале приходи кои надминуваат 85 милиони евра, а нивната добивка изнесува околу 15 милиони евра. При тоа Прилепската пиварница има раст на добивката, а Пивара Скопје бележи пад на профитот. Приходите од продажба растат и кај двете големи пиварници
Во бизнисот со пиво и безалкохолни пијалоци кои се произведуваат во земјава двете најголеми пиварници: Пивара Скопје и Прилепска пиварница оствариле приходи кои надминуваат 85 милиони евра, а тие растат и кај двете компании, покажуваат официјалните податоци од билансите на двете најголеми пиварници во земјава за 2016 година. Различно е тоа што кај Прилепска пиварница лани има раст на приходите и на добивката во однос на 2015 година, а кај поголемата односно кај Пивара Скопје профитот е намален во споредба со 2015 година.
Скопска пивара исплати 12,74 милиони евра дивиденда, а резервира уште 5,5 милиони евра
Пивара Скопје е поголема од двете компании и тоа го покажуваат и податоците. Од тоа што може да се види од билансите лани компанијата остварила приходи од продажба во износ 3,55 милијарди денари и тие се за 219 милиони денари повисоки од 2015 година. Оперативната добивка на компанијата изнесува 843,2 милиони денари. Нето добивката лана изнесува 760,8 милиони денари и таа е за 25 милиони денари пониска од 2015 година. Пивара Скопје има речиси двојно поголеми приходи од Прилепска пиварница , но тоа е заради тоа што компанијата произведува и пласира и на регионалниот пазар. Според неофицијални податоци на домашниот пазар двете компании се во остра конкуренција и тоа трае неколку години наназад со тоа што прилепската компанија настапува поагресивно и е во нагорен тренд, а скопската е солидно позиционирана и менаџира одржување на таквата состојба.
Податоците од билансот покажуваат дека акционерите на Пивара Скопје од добивката за 2015 година добиле 12,74 милиони евра дивиденда, а во официјалната документација пишува резервите на компанијата со одлука на акционерите се намалени за 5,55 милиони евра и тие се наменети за дивиденда која треба да биде исплатена во претстојниот период.
Бизнисот на Прилепска пиварница пораснал, пораснала и добивката
Прилепската пиварница лани има приходи од 1,7 милијарди денари односно речиси 30 милиони евра и тие се повисоки за 50 милиони денари во однос на 2015 година. Профитната маргина на прилепската компанија е над 9 отсто и добивката на компанијата е 2,5 милиони евра во 2016 година.
Р.Ф.
