Колку пари праќа дијаспората во Македонија?
Една и пол милијарда евра годишно испраќаат иселениците во Македонија, но најголем дел од овие пари се трошат за живот, а само мал дел завршуваат како инвестиции.
Девизните приливи од странство континуирано растат, дури и во кризни години, а во моментот изнесуваат околу 18% од бруто-домашниот производ на земјата. Најголемиот дел од нив доаѓаат од западна Европа, вели пратеникот Антонио Милошоски.
На јавната дебата за тоа како подобро да се искористат девизните приливи од странство во Собранието учествуваа економски експерти, бизнисмени од дијаспората, како и пратеници.
„Од 55 до 80% од вкупниот прилив се користи за потрошувачка, се трошат од семејствата, а помал дел од 11 до 18% биле наменети за инвестиции и за подолгорочно штедење“, истакнува гувернерот на НБРМ Димитар Богов.
Повратникот од Швајцарија, бизнисменот Шефки Идризи, сепак смета дека задачата да се подобри искористувањето на парите од странство не е толку лесна.
„Дел од дијаспората ја имаат изгубено вербата во Македонија, велат има корупција, не владее законот. Но јас велам работите не се толку лоши. Треба да работиме и да ги убедиме и другите нашинци во странство да го следат нашиот пример. За жал, во Македонија има и компании кои се уште работат нелегално и државата не успева да ги затвори сите тие нелегални канали“, вели тој.
Министерот за странски инвестиции Веле Самак, кои и самиот долги години живеел во САД, нагласува дека на дијаспората треба да и се понудат атрактивни проекти, како и да се подобри комуникацијата со иселениците.
Слично
