Колку пари ќе треба да потрошат САД за купување на Гренланд?
Иако Данска и Гренланд ја отфрлаат идејата, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува купување или нова форма на сојуз како стратешки потег на Арктикот.
САД би можеле да платат до 700 милијарди долари доколку ја постигнат целта на претседателот Доналд Трамп за купување на Гренланд, според NBC, повикувајќи се на три лица запознаени со проценката на трошоците.
Проценката е направена од академици и поранешни американски функционери како дел од планирањето на амбицијата на Трамп да го преземе островот од 2,16 милиони квадратни километри како стратешка тампон-зона во Арктикот против главните американски ривали.
Гренланд, полуавтономна територија на Кралството Данска, не е на продажба. Функционери од Данска и Гренланд ги отфрлија тврдењата на Трамп дека САД ќе го добијат Гренланд „на еден или друг начин“. Сепак, висок функционер на Белата куќа изјави дека државниот секретар Марко Рубио добил инструкции да изготви предлог за купување на Гренланд во наредните недели, опишувајќи го планот како „висок приоритет“ за Трамп. Рубио и потпретседателот Џ.Д. Венс одржаа состанок со функционери од Данска и Гренланд, кои отпатуваа во Вашингтон за да добијат појасна слика за намерите и предлозите на Трамп.
Сепак, состанокот не доведе до промена на ставот на Трамп за преземање на Гренланд. Пораките на владата на Гренланд пред состаноците беа конзистентни.
„Гренланд не сака да биде во сопственост, управуван или дел од Соединетите Американски Држави. Ние го избираме Гренланд каков што го знаеме денес, како дел од Кралството Данска“, изјави министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мокфелд, по пристигнувањето во Вашингтон.
Министерката за бизнис и минерални ресурси на Гренланд, Наја Натансен, изјави дека пораките од САД предизвикуваат сериозна загриженост кај жителите на островот.
„Ова навистина доминира во секојдневните разговори во домаќинствата. Станува збор за огромниот притисок под кој сме и луѓето ги чувствуваат неговите последици“, рече Натансен на прес-конференција во Лондон.
Според американски функционер запознаен со ова прашање, САД веќе можат да распоредат повеќе војници во Гренланд и да ги прошират своите воени и безбедносни капацитети во согласност со постојните договори.
„Зошто да напаѓате крава кога ви продава млеко по релативно добри цени“, рече функционерот.
Додека некои членови на администрацијата на Трамп дури ја споменаа можноста за употреба на воена сила за преземање на островот со околу 57.000 жители, други функционери и сојузници на Белата куќа веруваат дека купувањето или воспоставувањето нова форма на сојуз е многу пореално сценарио. Една од опциите што се разгледуваат е склучувањето на таканаречен договор за слободно здружување со Гренланд, кој би вклучувал американска финансиска помош во замена за дозвола за безбедносно присуство на САД, објави NBC News.
САД веќе имаат слични договори со Република Маршалските Острови, Федералните Држави Микронезија и Република Палау. Вклучувањето на Гренланд во таков аранжман би можело да задоволи дел од пошироката визија на Трамп за американска хегемонија на Западната хемисфера и би било значително поевтино од проценетата куповна цена, која се движи помеѓу 500 и 700 милијарди долари.
Да се потсетиме дека САД се согласија да ги купат карипските острови од Данска во 1916 година, а за возврат признаа дека „нема да се противат“ на тоа данската влада да ги задржи политичките и економските интереси врз целиот Гренланд, според договорот од тоа време.
foto printskrin youtube