Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колку пари извлече политичката криза од банките за шест месеци?!

Колку пари извлече политичката криза од банките за шест месеци?!
„Фактор.мк“ споредуваше биланси од 31.12.2015 и 30.6.2016 година на осум банки од кои четирите големи, при што утврдивме дека за шест месеци заштедите и депозитите на населението, фирмите и здруженијата се намалени за 3,6 отсто. Во пари тоа значи дека кризата извлече 9,44 милијарди денари односно 153 милиони евра од шест домашни деловни банки Политичката криза пролетва извлече 153 милиони евра депозити и заштеди од шест деловни банки во земјава, покажуваат податоци од споредбата на билансите на осум банки што ја направи „Фактор.мк“. Имено, ги споредивме податоците од билансите на состојба кои се однесуваат на нивото на заштеди и депозити на фирми, здруженија и на населението од крајот на 2015 година и за првите шест месеци годинава. Во споредбата беа достапни податоците за осум банки кои имаат обврски за објавување затоа што нивните акции се тргуваат на Официјалниот пазар на берзата. Тоа се: Комерцијална банка, Охридска банка, ТТК банка, Стопанска банка Битола, НЛБ Скопје, Стопанска банка Скопје, Централна кооперативна банка и Уни банка. Споредбите покажаа дека политичката криза во земјава го зема „данокот“ и стравот од девалвација или од инфлација или од кусок на девизи исплаши дел од штедачите. Епидемијата ги зафати сите четири големи банки во земјава: Комерцијална банка, Охридска банка, НЛБ Скопје и Стопанска банка Скопје и сите тие бележат намалување на нивото на депозитите (пред се на населението) во своите биланси. Намалување на депозитните бази има и кај ТТК банка и кај Централна кооперативна банка. Вкупно кај овие шест банки од осумте во споредбата депозитите на крајот на јуни годинава се пониски 9,44 милијарди денари односно за 153 милиони евра. Нивото на депозити е намалено за 3,6 отсто за период од  шест месеци, а најкритично беше пролетта, а особено во април и првата половина на мај. Вкупните депозити на граѓаните и фирмите во осумте банки на крајот на јуни годинава е 250,5 милијарди денари. Тоа значи дека овие осум деловни банки чуваат малку над 4 милијарди евра пари на нашите граѓани, компании и фирми и на здруженија на граѓани. Споредбата покажува дека само две од осумте банки во овој период бележат раст на депозитните бази, а тоа се Стопанска банка Битола и УНИ банка. Убедливо поголем е растот на депозити и заштеди кај Стопанска банка Битола затоа што изнесува 8,65 отсто за шест месеци. BANKI Од достапните податоци се гледа дека најголемо намалување на депозитната база имаше во НЛБ банка и тоа за 3,6 милијарди денари (околу 60 милиони евра), а ја следеа и другите големи банки: Комерцијална банка со 3,32 милијарди денари, Охридска банка со 1,71 милијарди денари и Стопанска банка Скопје со 1,58 милијарди денари. Кога се знае дека овие четири банки држат над 70 отсто од пазарот јасно е во колку голема мерка ова го отсликува трендот на топење на депозитите во целиот банкарски сектор. Во споредбата не се опфатени: Силкбанка, Прокредит банка, Халкбанка, Еуростандард банка, Шпаркасе и Капитал банка заради тоа што тие немаат обврска и не објавуваат полугодишни и квартални податоци и не можевме да направиме споредба. Каде се сега тие 153 милиони евра што излегоа од банките? Иако е тешко со сигурност да се каже, многу е веројатно дека во најголем дел од овие пари се чуваат во сефови во истите банки во кои биле чувани со тоа што разликата може да биде само во тоа што се конвертирани од денари во евра или американски долари или можеби швајцарски франци. Веројатно е дека дел од парите се чуваат и дома, но веројатноста е се помала заради тоа што извесно е дека вадењето на парите од банките беше баук и нивното чување дома носи ризик. Рака на срце значајно влијание за вадењето на парите имаше и дестимулативната каматна политика за депозити на големите банки која во голема мерка но со помал интензитет ја следеа и малите и средните банки. Новитет, а особено на радост на инвеститорската заедница е тоа што дел од овие средства иако во мала мерка сепак е видливо дека завршија во вложувања во акции , најмногу во блучипови, на Македонската берза за хартии од вредност. Веројатно најхрабрите од штедачите, демотивирани од ниските камати, одлучија да вложат во акции со дивидендни приноси кои веќе подолго време се поконкурентни од каматните стапки на орочените влогови и на депозитите. Р.Ф.
Слично

Поврзани вести