Колку од Европејците штедат во банки?
Негативните камати не го намалуваат интересот во Европа за штедење.
Околу 69% од Европејците ги чуваат своите заштеди на банкарски сметки, покажува новото истражување.
Европејци сакаат да го чуваат вишокот пари на штедни сметки, дури и ако каматата им е нула, коментира Bloomberg.
Ова го покажува истражувањето на најголемата компанија за наплата на долгови во Европа - со седиште во Стокхолм, Intrum Justitia.
Истражувањето е базирано врз анкета спроведена во септември и вклучува 21.000 лица од 21 земји. Испитаниците можеа да дадат по неколку одговори на конкретни прашања.
Истражувањето покажува дека 26% од Европејците преферираат да ги чуваат вишокот средства во кеш, а 16% во акции. Само 14% се насочени кон инвестициски фондови, 8% инвестираат во недвижности и уште 8% во обврзници.
Во Данска и Шведска, каде референтната каматна стапка, определена од централните банки, е негативна, речиси 80% од луѓето го чуваат вишокот пари на банкарски сметки. Во Франција, Велика Британија и Холандија овој процент е дури над 80%.
