Колку може да се потпреме на обновливата енергија во Македонија?
Македонија е земја на сонцето, но од овој природен и обновлив ресурс произведуваме одвај 1% од вкупната струја. Државата има превземено обврски да го зголеми уделот на обновливите извори на енергија во вкупното производство на струја до 70% до крајот на оваа декада, иако во последните пет години просекот се движи одвај една третина.
Ако се земат новите инвестиции на приватните компании во соларни централи ќе се добие впечаток дека Македонија зема засилен чекор кон енергетската транзиција. Според последните достапни податоци на Агенцијата за енергетика соларните централи располагаат со речиси 110 мегавати (MW).
Тоа безмалку е една седмина од вкупната инсталирана моќност на термоелектраната РЕК Битола, која патем треба да биде затворена до 2030 година. На тој начин Македонија треба да ја намали зависноста од горење јаглен, како и да го намали загадувањето со јаглероден диоксид, од емисиите кои се испуштаат со горење на фосилни горива.
Затоа направивме преглед на произведената електрична енергија во последните пет години, заклучно со месец август, како месец кога е пик на летната сезона, но постои и опасност од целосна искористеност на хидропотенцијалите за производство на струја.

Како се движи вкупно бруто-производство од обновливи извори?
Според податоците на Државниот завод за статистика, производството на електрична енергија од обновливиот извор на сонце постојано се зголемува во последните пет години. Во 2019 година биле произведени 2.5 гигават часови (GWh), додека пак во август годинава биле произведени 4.2 гигават часови електрична енергија.
Стратегијата за напуштање на јагленот, гасот и нафатата мора да опфати повеќе видови на обновливи капацитети. Раст се бележи и кај енергијата произведена од ветер. Во 2019 година ветерните паркови произвела струја од 4.9 гигават часови, додека пак во август годинава биле произведени речиси двојно повеќе односно 9.4GWh.

Сепак, и натаму најмногу се потпираме на струјата произведена од хидропотенцијалот. Загрижува што годините на суша и голема искористеност на водите доведува до слабо производство, така на пример годинава во август и за истиот месец во 2020 година биле произведени под 100 гигават часови електрична енергија. Во последните пет години најмногу струја од хидроцентралите е добиена во август 2021 година кога биле произведени речиси 200 GWh.

Затоа и споредбата помеѓу хидроенергијата и соларната енергија покажува огромна дискрепанца. Од една страна има се поголем број на приватни инвеститори кои градат соларни централи со инсталирана моќност која ќе може да парира на термоцентралите, но и натаму има огромен неискористен потенцијал.
Главна пречка е проблематичната регулатива за граѓаните, домаќинствата и енергетските задруги и заедници кои не може да инвестираат во поголема моќност на мини соларните централи. Наместо да добијат отворен пат и да станат енергетски независни, повторно ни се случува негативна транзиција во енергетиката, која ќе биде во рацете на неколкумина кои ќе ги носат одлуките.
Уште повеќе загрижува фактот што се ближи 2030 година, а конкретен план за социјалните, економските и ценовните последици по затворањето на РЕК Битола и РЕК Осломеј засега не постои.
Тоа води кон ризик од социјална нестабилност, но и енергетска нестабилност доколку не се овозможи поголема слобода за инвестирање во обновливите извори на енергија и квалитетен економски план кој ќе ги опфати засегнатите региони на Битола и Кичево.
Х.С.