Колку милиони евра вртат големите трговци со автогуми?
Најафирмираните четири трговски компании за автомобилски гуми на нашиот пазар лани инкасирале над 18 милиони евра. Карактеристично е тоа што бизнисот горе долу е како 2017 година од аспект на приходите, а три бележат пад на профитот, а само една компанија има раст на добивката
Трговијата со автомобилски гуми е бизнис во кој има силна конкуренција затоа што секој се труди да привлече купувачи особено во шпиц сезоните март-април за замена на зимски со летни гуми и обратното во периодот ноември-декември. За да го отсликаме бизнисот одбравме три реномирани компании: „Мотоцентар“, „Олимпико“ и ТДА со нејзината филијала “Пнеуматик“.
Еве ги резулатите:

Скопската компанија „Мотоцентар“, која има филијали и во неколку градови во земјава, лани имала вкупни приходи од 10,55 милиони евра и тие се за 5 отсто повисоки од претходната година. Добивката е 747.000 евра и е за 11 отсто пониска од претходната година.
„ТДА Трејд“ е значаен учесник на пазарот. Неговите приходи лани изнесуваат 4,56 милиони евра и тие се пониски за 18 отсто од реализацијата во 2017 година. Добивката на оваа компанија е 111.300 евра и во однос на 2017 година, кога била половина милион евра, е пониска за 78 отсто.

„Олимпико“ лани остварил приходи од 2,64 милиони евра и книжи минимален раст од 3 отсто во однос на 2017 година. Добивката бележи значаен процентуален раст и изнесува 231.000 евра што е за 88 отсто повеќе од 2017 година.

„Пнеуматик“ е помалиот брат на „ТДА Трејд“ и неговите приходи од продажба лани биле 400.000 евра и се пониски за 9 отсто во однос на претходната година. Добивката лани бележи пад за 16 отсто во однос на претходната година и изнесува 3.500 евра.

Р. Ф.
