Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колку милиони евра добивка направи НЛБ Банка за 90 дена?

Колку милиони евра добивка направи НЛБ Банка за 90 дена?

Огромниот скок на останати приходи од дејноста е главна причина за тоа што добивката по оданочување од јануари до март годинава порасна за 69 отсто во однос на првиот квартал лани. Ова е одлична вест за малите акционери кои мора да знаат и дека банката го намали кредитирањето во првите три месеци годинава за 15 милиони евра, а депозитите на коминентите се намалени за 25 милиони евра

НЛБ Банка Скопје има одличен квартал кога се гледа билансот на успех! Првите три месеци годинава таа банка оствари добивка од 967,4 милиони денари односно 15,65 милиони евра, покажуваат податоците од кварталниот извештај објавен на берзата. Ова значи дека просечно дневно НЛБ Банка правела профит од 10,75 милиони денари односно околу 174.000 евра!!!

Главната приходна ставка – нето приходот од камати од почеток на јануари до крај на март годинава е 718,4 милиони денари и тој пораснала минимално, но значајно – за 14,5 милиони денари во однос на истиот период лани. Значаен раст има кај нето приходите од надоместоци и провизии кои изнесуваат 272 милиони денари и книжат раст во однос на првиот квартал лани за 38,4 милиони денари. 

Клучна ставка која го подигна профитот се останатите приходи од дејноста во коминација со позитивата односно ослободувањето на резервациите. Од останати приходи од дејноста НЛБ реализирала 400 милиони денари односно 359 милиони денари повеќе од истиот период лани. Кај резервациите билансот покажува дека банката ослободила резервации односно е во позитива од 80,7 милиони денари наместо да резервира средства за кредитни пласмани. Ова во комбинација со растот на останатите приходи направи да порасне профитот значајно. Важно е да се каже и тоа дека загубата настаната од оштетување на нефинансиски средства е сведена на 4,9 милиони денари и овој трошок е помал за 26 милиони денари од истиот период лани.

Кај расходите најзначајно е да се истакне дека трошоците за вработени достигнаа 200,6 милиони денари за три месеци што е за 29 милиони денари повеќе од првиот квартал лани. Ова укажува на тоа дека НЛБ се грижи нејзините вработени да бидат задоволни и добро мотивирани или во овој период остварила значаен број на нови вработувања.

Намалено кредитирање, намалена депозитната база

Податоците од билансот на состојба покажуваат дека НЛБ има намалена кредитна активност во првите три месеци во споредба со крајот на ланската година. А исто така има и намалување на депозитите на останатите коминтенти. 

Кредитирањето на крајот на март годинава е помало за 900 милиони денари од крајот на 2017 година и изнесува 47,8 милијарди денари. Истовремено со ова е намалена и депозитната база на банката и тоа за 1,54 милијарди денари односно околу 25 милиони евра за три месеци. На крајот на март таа изнесува 60,03 милијарди денари.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести