Колку македонски државјани се борат во Сирија?
Меѓународниот центар за истражување на радикализацијата објави извештај според кој 9,6% од вкупниот број странски доброволци кои се борат во Сирија го сочинуваат државјани на балканските земји - Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово, Македонија и Србија.
Најголем процент на доброволци има од Велика Британија, од каде потекнуваат речиси 18% од вкупниот број странци на сирискиот фронт, 11,6% се од Франција, 11,1% од Германија, 10% од Шведска, 8,9% од Белгија и 6,3% од Холандија, покажало истражувањето.
Во Сирија се борат доброволци и од прекуокеанските земји - Австралија, САД и Канада - вкупно 5,3%, додека за 20% од вкупниот број доброволци не може да се утврди на какво државјанство припаѓаат. Борците биле идентификувани според базата на податоци и со споредба на нивните профили на социјалните мрежи.
„Социјалните мрежи се основен извор на информации и инспирација на овие лица. Во нивните умови, социјалните мрежи веќе не се виртуелни - тие стануваат клучно средство за она што се случува на теренот“, пишува во извештајот со наслов: „Зелени птици: Мерење на важноста и влијанието на мрежите за странски борци во Сирија“.
Документот исто така зборува и за појава на т.н. „нови духовни лидери“ кои ги радикализираат и ги вклучуваат доброволците во џихадистичките мрежи, иако нема докази дека тие го организираат нивното патување во Сирија.
Велика Британија ги предупреди своите граѓани да не се приклучуваат во воениот конфликт во Сирија, а во спротивно се закани дека на откриените ќе им биде одземено британското државјанство.
Албанија уапси осум лица, меѓу кои и двајца самопрогласени имами, обвинети за регрутирање и испраќање борци во Сирија. Заради ова Албанија доби критики од исламистите, кои тврдат дека албанската држава води војна против исламот.
Слично
