Колку Македонци можат да си дозволат автомобил?
Дека купувањето
нов автомобил за просечен македонски граѓанин е тежок финансиски товар е општо
познат факт, но педантните статистичари измериле дека точно 18,9 отсто од нив
не можат да си го дозволат тоа. Или попрецизно кажано, од целото население дури
380 илјади луѓе немаат доволно пари за да паркираат автомобил пред куќата,
бидејќи нивните приходи се на граница на сиромаштијата.
Но, анализата на податоците на Евростат покажува дека купувањето на автомобил е многу подостапно за еден просечен македонски граѓанин во споредба со еден Србин, Бугарин или Романец. Секако дека ова е утешителен факт бидејќи сме далеку од европскиот просек и од бројките на поразвиените земји- членки на ЕУ.
Според Евростат, во 2017 година, 7 отсто од населението на ЕУ не можеше да си дозволи автомобил. Од земјите- членки, овој процент е наајвисок во Романија, каде речиси една третина не можеле да си дозволат автомобил (29,8 отсто), а потоа следат Бугарија (20,6 отсто) и Унгарија (20,1 отсто). Во земјите надвор од ЕУ, оваа стапка во Србија изнесува 19,7 отсто, а во Турција дури 43,9 отсто.
На спротивниот крај на скалата, најнизок процент од луѓето кои не можат да си дозволат автомобил се забележани во Кипар и во Малта (по 1,7 отсто од вкупното население), по што следуваат Луксембург (2,2 отсто), Италија и Франција (и двете по 2,7 отсто). Кај нашиот јужен сосед, 9,7 отсто Грци не можат да си дозволат автомобил, а во Германија 6,3 отсто. Слична стапка бележи и Хрватска, каде 6,9 отсто од населението не може да купи возило, а процентот на Словенци кои немаат пари за нов автомобил изнесува ниски 3,6 отсто.
Во ЕУ, уделот на луѓе кои не можат да си дозволат автомобил се намали за 0,7 процентни поени (п.п.) во 2017 година во споредба со претходната. Слично, овој тренд на опаѓање беше забележан во сите земји- членки на ЕУ, со исклучок на Австрија (+0,4 пп), Данска (+0,3 пп), Луксембург (+0,2 пп), Франција (+0,1 пп) и Холандија каде што остана стабилен на 6,4 отсто.
(М.Б.)
