Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колку Македонци имаат црно-бели телевизори и за што им се

Колку Македонци имаат црно-бели телевизори и за што им се

Дури 11.750 црно-бели телевизори имаат македонските домаќинства во 2017 година. Не е чудно, но е интересно дека 2,1 отсто од жителите се уште имаат ваков тип телевизор. Упатените велат дека не станува збор за тоа дека луѓето немаат доволно пари да си купат нов, туку повеќе е тоа што се приврзуваат за предмети и плус немаат начин како да се ослободат од ваков габаритен отпад.

Сервисерот на електронски уреди, пензионираниот Љупчо Паункоски од Охрид, последниот црно-бел телевизор кој го поправил, според неговата педантна компјутерска евиденција, е на 20 март 2006 година и за тоа наплатил 700 денари за регенерирање на екран.

„Затоа тврдам дека повеќе не се користат, бидејќи во 2006 го поправив последниот таков приемник кој работеше на принцип на транзистор, а последниот „лампаш“ го имам поправено во април 2001 година. Се користеа тогаш и оние мини портабл телевизори, кои ги носеа во своите викендички в село или на одмор, а последниот таков ми е поправен во 2009 година. Беше произведен во „Искра“. Одтогаш тие можеби работеле уште неколку години, но во последните години никој не донел кај мене во работилницата таков уред. Единствено во знак на добра воља се погрижив да функционира еден мошне стар модел на Ниш 865, но сопственикот сакаше да го постави како атракција во својата продавница за текстил. Технологијата е отидена многу напред и од тогаш се заменети неколку генерации на телевизори – вели Паункоски.

Тој е сервисер на електронски уреди 38 години, а порано работел за МРТВ. Поправал ретро-модели како 867, 869, „Атлас“, „Мајор 67“, „Амбасадор“, „Дипломат“ и „Калипсо“. За овие вели дека се најзастапени во Македонија. Тие телевизори се аналогни и се уште може да го примат денешниот сигнал на некои ТВ-канали според опсегот.

„Мотивот за чувањето сметам дека е колекционерски и се мисли дека нивната вредност станува „античка“ доколку се чува – додава Паункоски.

Од Нула Отпад тврдат дека ова е разбирливо, ако се знае дека граѓаните немаат ориентација како да се ослободат од габаритните електронски уреди. Од една страна не постојат други доволно флексибилни служби кои би го подигнале тој „товар“, а од друга страна казните се многу големи и не е етички приемникот да се фрли на кое било место.

„Има случаи кога такви предмети се фрлаат во Вардар, но тоа се исклучоци и совесните граѓани знаат дека не е решение уредите да се оставаат пред контејнерите и влезовите на зградите. Тоа се доста тешки апарати и потребно е лифт, возило или физичка помош за да се пренесе до отпад. Дури и да се фрли во отпад, тоа е само механичко ослободување, бидејќи таму на телевизорите не се врши рециклирање. Или остануваат или целосно се уништуваат. Затоа граѓаните ги оставаат во своите домови, односно стојат по тераси и подруми и други простории – велат од Нула-Отпад.

Инаку Нула Отпад доаѓале и на повик до домовите и бесплатно го транспортирале отпадот.

„Ги расклопуваме детално телевизорите, како и други електронски производи, и деловите кои може да се рециклираат ги пакуваме и ги извезуваме во Австрија, Грција и Бугарија – додаваат оттаму.

Александар Кузмановски

Слично

Поврзани вести