Колку луѓе во Германија работат од дома?
Во Германија, една четвртина од вработените сè уште работат од дома.
Уделот на вработените кои работат од дома во Германија остана стабилен на околу 25 проценти, а овој процент е највисок во ИТ секторот, според извештајот што вчера го објави Институтот за економски истражувања Ифо со седиште во Минхен.
Во февруари, 24,3 проценти од вработените во таа земја работеле од дома барем дел од времето, што претставува само мала промена во споредба со претходните месеци. Истражувањето покажува дека од 2022 година, овој процент е стабилен на околу една четвртина од вработените, без значителни осцилации. Највисоко ниво на работа од дома беше за време на пандемијата, во март 2021 година, кога дури 32,3 проценти од вработените работеа од далечина.
Спротивно на тоа, најниското ниво беше забележано во август 2024 година, кога уделот падна на 23,4 проценти, но оттогаш повторно се стабилизира. Работата од дома е најраспространета во услужниот сектор, каде што 34,9 проценти од работниците го користат овој модел на работа.