Колку лица – „фантоми“ жиеват во Македонија?
Без лични и здравствени документи на работ на сиромаштијата, во земјава живеат правно невидливи или лица “фантоми”. Од невладиниот сектор велат дека не може да се утврди нивниот точен број, а за овие лица покрај основните услови за живот отежнато е образованието и здравствените услуги. Најголемиот дел од нив се Роми, велат од невладината организација ЛИЛ која долги години работи на оваа проблематика. Без пари и со нерешен граѓански статус, тие како и да не постојат.
Невладините организации Млади правници, ЛИЛ и Амбрела со помош на МТСП во заедничка акција во 2011-та идентификувале околу 500 случаи на вакви лица, од кои на годишно ниво се решаваат околу 30-50 случаи. Ресорното Министерство за труд и социјална политика на годишно ниво издвојува буџет за покривање на 32 ДНК анализи, кој е всушност најскапиот доказ што треба да се обезбеди за идентитетот на детето за да отпочне постапката за упис во матичната книга на родените.
“Процедурата е долга, обезбедувањето на докази е финансиски товар, а понекогаш и тешко за докажување, ако мајката на детето е замината во непознат правец или пак умрена. Во овие случаи отпочнувањето на постапката е невозможно да се отпочне доколку нема докази за првостепено сродство”, вели Сарита Јашарова, претседател на НВО ЛИЛ.Според неа, многу мал процент од правно ”невидливите“ деца одат во училиште и посетуваат редовна настава, другите се надвор од едукативниот систем. Пристапот на овие лица без документи во здравствениот систем е на ниско ниво, за секоја услуга треба да платат, па поради лошата финансиска состојба се препуштени самите на себе. Во последен момент на влошување на здравствената состојба тие доаѓаат како итни случаи во болница, примени се на клиниките, но по отпуштањето настануваат административните и правни проблеми за нив. Податоците на терен покажуваат дека со финансинската подршката која се добива од буџетот на Владата преку координација на МТСП и невладините организации има обид да се решат проблемите за случаите кога се работи за македонски државјани. Меѓутоа, од невладините организации посочуваат дека мајките кои се долготрајно жители на Македонија, а се во вонбрачна или брачна заедница со македонски државјани се соочуваат со дополнителен проблем да ја средат својата лична документација.
“Во моментот ова веќе станува генерациски проблем, или проблем на третата генерација. Започнувајќи од нерешениот статус на мајката поради непоседување на важечки документи за лична идентификација, втората генерација се нејзините деца коишто не се пријавени, а веќе надзираат и внуците како трета генерација на овој проблем”-вели Сарита Јашарова.МТСП-ДНК анализи на товар на државата! Од Министерството за труд и социјална политика велат дека ги воочиле проблемите со правно невидливите лица или лица фантоми, кои немаат никаква лична документација. Ова велат е проблем кој се провлекувал со години, но веќе како надлежна институција чекор по чекор ги реализираат постапките да се реши статусот на овие лица.
“Министерството за труд и социјална политика и МВР формираа работна група за подобрување на пристапот до евиденција во матична книга на родени. Акцијата за евиденција на лица во матична книга на родените се спроведува во неколку фази за идентификување на случаите на терен со помош на Ромски информативни центри таму каде што постојат, ангажирање на мобилни тимови составени од Центрите за социјална работа, Управа за водење на матична книга на родени и МВР кои по одредени информации и укажувања дека постојат такви лица, одат на терен заради прибирање на основните информации од лицата. Меѓутоа и самите лица може да побараат помош во некоја од наведените институции”, вели Марјан Ѓуровски, портпарол во Министерството за труд и социјална политика.Во најголемиот дел од случаите, велат од МТСП, лицата кои што не се евидентирани во матична книга на родени не се во можност да ги обезбедат бараните докази кои треба да ги достават до Управата за водење на матична книга на родени за да се овозможи уписот. Министерството за труд и социјална политика во рамките на своите надлежности досега подржало спроведување на 62 ДНК анализи за предмети за кои што било неопходно докажување на фамилијарно сродство заради продолжување на постапката за упис во матична книга на родените. Ова, според познавачите не е проблем кој може да се реши преку ноќ бидејќи во голем број случаи сеуште постои затвореност од самите лица, што поради неинформираност, немање финансиски средства, што и од страв и несигурност. Токму затоа, алармираат од невладиниот сектор, поради скапата постапка за обезбедувањето докази и неможноста во некои случаи да се добијат важечки документи за лична идентификација, лошата социо-економска ситуација доведува овие лица со години да останат изолирани во магичниот круг на сиромаштија без некаква надеж за подобро утре. Б.С.
Слично
