Колку ќе земе „Адора“ од дивиденда на акциите во „Комерцијална банка“?
„Комерцијална банка“ издашно ќе ги почести своите акционери и ќе им подели 15,57 милиони евра дивиденда во бруто износ. Најмногу ќе земе „Адора“, а околу 4.500 акционери домашни физички лица ќе поделат 5,48 милиони евра откако државата за персоналец ќе им сопре речиси еден милион евра.
„Комерцијална банка“ ќе подели 15,56 милиони евра дивиденда на своите акционери, а секоја акција носи бруто дивиденда од 420 денари за акција, ова е дел од предлог одлуката за претстојното акционерско собрание што ќе се одржи на 4 април годинава. Нето добивката по акција што ќе ја добие секое домашно физичко лице кое поседува акција на „Комерцијална банка“ е 357 денари. Износот што ќе го земе државата за секоја акција е 63 денари по основ на персонален данок. Да потсетите дека по иницијатива на министерот Тевдовски од почетокот на годинава персоналниот данок што се наплаќа на остварена дивиденда е зголемен за 50 отсто односно од 10 отсто на 15 отсто.
Акционерите на 4 април ќе гласаат за распределба на добивката која за лани изнесуваше речиси 30 милиони евра. Ова е најголемата добивка на „Комерцијална банка“. Освен тие 15,56 милиони евра за дивиденда, акционерите ќе одлучат за предлогот 8,13 милиони евра да се вкалкулираат во резерви што значи да влезат во капиталот на банката и со тоа книговодствената вредност на секоја акција да се зголеми за 219 денари до износ од 5.692 денари. Уште 5,25 милиони евра се планира да се распределат во задржана добивка која не може да биде предмет на распределба во дивиденда и таа во иднина нема да биде достапна за поделба на акционерите.
Веста за дивидендата на берзата беше дочекана оптимистички. Вчера цената на акција до допре рекордното ниво од 5.700 денари за акција односно највисока цена во последниве 52 трговски седмици, а и многу поодамна. Ова покажува колку инвеститорите на берзата се желни за позитивни вести од компаниите.
Дивидендата ќе почне да се исплаќа на 7 мај, а секој што поседува акција до 16 април ќе биде носител на правото да му биде исплатена дивиденда. Износот од 357 денари е принос од 6,3 отсто и тоа на највисоката цена постигната на берзата вчера. Значајно подобар принос од кое и да е вложување во депозити или штедни влогови.
Најмногу ќе се офајди компанијата „Адора Инженеринг“ на Ванчо Чифлиганец која посеудва 10,09 отсто и е најголем поединечен акционер. За „Адора“ е резервиран бруто износ од 1,57 милиони евра. „Гранит“ за неговите 4,9 отсто од акциите ќе земе околу 750.000 евра дивиденда. „Комерцијална банка“ за своите околу 4.500 акционери (колку што ги има сега) домашни физички лица ќе исплати нето износ од околу 5,48 милиони евра дивиденда за нивните 41,4 отсто од акциите. Државата преку УЈП на име персоналец од овие акционери ќе наплати речиси еден милион евра.
Р.Ф.
