Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОЛКУ ЌЕ ПОСКАПИ СТРУЈАТА ОД ЈАНУАРИ - ќе се знае утре, Владата ќе даде препорачана цена

КОЛКУ ЌЕ ПОСКАПИ СТРУЈАТА ОД ЈАНУАРИ - ќе се знае утре, Владата ќе даде препорачана цена

Генералниот директор на државните електрани, Васко Ковачевски, вели дека наместо задолжителните минимални 60 отсто, АД ЕСМ одлучиле да испорачуваат 100 отсто енергија кон Евн Хоум. Тој вели дека компанијата ги направила сите подготовки, доставила табела со цени до Владата, а таа треба на седница да донесе одлука за препорачана цена за количините на енергија кои ЕСМ ќе ги испорачува до ЕВН ХОУМ за малите потрошувачи и домаќинствата.

„Ние донесовме одлука да испорачуваме 100 проценти енергија во 2022 кон ЕВН ХОУМ и тоа значи дека оваа компанија нема да набавува дополнителни количества енергија кои на берзата се со повисоки цени. Така нашата компанија и натаму ќе остане стабилизатор на цената за домаќинствата и малите потрошувачи. Очекуваме во наредните денови Владата да донесе таква одлука, да препорача цена и веќе до 9 декември, до кога е отворениот повик на ЕВН ХОУМ да доставиме официјална понуда и да почнеме подготовки за реализација на планот за 2022 година“, изјави Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ.

Тој истакна и дека за оваа грејна сезона ги прават сите напори сите нивни капацитети да ги стават во функција. ТЕЦ Неготино ќе почне со работа до крајот на декември и ќе работи до април. Во функција ќе биде ставен и трансформаторот на третиот блок, чија санација оди побрзо наместо предвидените шест месеци.

„Во РЕК Битола наскоро, до крајот на месецов, во функција ќе биде ставен трансформаторот што беше опожарен, а потоа ќе продолжиме со работа на трите блокови на РЕК Битола. Во изминатите неколку денови е ставен во функција и нашиот капацитет РЕК Осломеј, работи со максимален капацитет и тоа значи сите наши капацитети ќе бидат ставени во функција и ќе произведуваат електрична енергија“, рече Ковачевски. 

Инаку, ЕСМ очекува Владата да донесе одлука со препорачана цена на електричната енергија и веќе во четврток, кога и истекува рокот на ЕВН Хоме, да достават понуда. Владата на затворена седница ќе го разгледува финансискиот и планот за производство на државните електрани за 2022 година.

Како што е познато, на средбата на премиерот Зоран Заев со лидерот на Алтернатива Африм Гаши, еден од условите беше да не се зголеми цената на струјата за повеќе од 20 отсто.  

Слично

Поврзани вести