Колку ќе плаќа едно домаќинство за вештачка интелигенција и кој ќе ги регулира сметките
Големите компании за развој на вештачка интелигенција сметаат дека нивниот бизнис модел ќе биде снабдување со новата технологија исто како што електродистрибутивните компании обезбедуваат пристап до електрична енергија, за што ќе се наплаќаат месечни сметки, и ќе има потреба од соодветно регулаторно тело за заштита на интересите на потрошувачите и утврдување на цената на дистрибутерите.
Иако станува збор за можеби подалечно сценарио, сепак треба да се размислува во овој правец ако навистина вештачката интелигенција стане неопходна „комуналија“ исто како струјата, водата, греењето, интернетот или телефонијата.
Се предвидува дека во наредните неколку години 85% од вкупните трошоци на компаниите за ВИ ќе одат на процесот инференција (извршување задачи), што значи дека се помалку ќе имаме пристап до основни и бесплатни модели, а вештачката интелигенција ќе биде значајна алатка во секојдневието, па така немањето пристап може да претставува значаен хендикеп.
Што всушност се наплаќа за користење ВИ модели?
Апликациите како ChatGPT, Gemini, Copilot, Claude, Grok, DeepSeek или META AI функционираа на тој начин што беа отворени за јавноста, која истовремено беше тест публика и корисник на новите функции.
Додека се заокржува процесот на тренирање на нивните модели, за што беа вложени стотици милијарди долари, но и директен инпут од сите нас како корисници на алатките за вештачка интелигенција, следниот чекор е инференција.
Тоа е процесот кога моделите со ВИ го „применуваат“ наученото, односно со внес на нови информации или податоци даваат обработка на командата преку веќе утврденото „знаење“.
Секоја инференција „троши“ токени, односно користи компјутерска моќ која се напојува со електрична енергија. Пресметката може да биде онлајн преку центрите за податоци и серверите на компанијата, или како што се обидуваат да направат гигантите сè повеќе, пресметката да се префрли локално, на уредот на самиот корисник.
Затоа повеќе ќе се вложува во соодветни паметни чипови кои ќе може да ги прават овие пресметки, но секако потрошувачката на електрична енергија ќе расте без преседан во следните десетина години.
Зошто е потребна регулација и „комунализација“ на ВИ?
Токенизацијата на вештачката интелигенција ќе овозможи јасен увид во потрошувачката на ресурси по што ќе се направи пресметка колку треба се наплати за услугата на инференција, односно директната примена на ВИ моделите според внесените команди на корисниците.
Помалку сложени задачи како проверка на текст, генерирање слики и мултимедија ќе бидат поевтини, а за посложени операции како длабинско размислување, истражување и анализа на големи сетови на податоци ќе се наплаќа и повеќе.
Гигантите како Open AI веќе размислуваат како да ги креираат пакетите за домаќинствата, на пример токени за завршување на училишните задачи, совети за управување со домот и паметните уреди и однапред програмирани агенти кои ќе ги вршат задачите со автоматизирани процеси на работа. Овие пакети за домаќинства се очекува да чинат од 8 долари месечно за основната претплата, 20 долари за средниот пакет и над 200 долари за пристап до најнапредните ВИ модели.
Во развиените земји, како и во Европската Унија се размислува за формирање соодветни регулаторни тела или пак надградба на постоечките комисии кои би вршеле надзор над дистрибутерите на вештачка интелигенција, утврдување на минимални потрошувачки пакети како гарантирано право на пристап до технологијата и формирање на цени и секако посредување при можни спорови, избегнување на обврските меѓу страните и контрола на влијанието врз енергетските системи.
Х.С.