„Колку ќе дојдете, толку и ќе добиеме“: Трендафилов масовно повикува на протест
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави нов протест за зголемување на минималната плата и на платите на работниците, кој ќе се одржи на 14 март со почеток во 12:05 часот во Скопје.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, преку објава на социјалните мрежи ги повика работниците да излезат на улица и да се приклучат на протестниот марш кој ќе започне пред Работничкиот дом, а ќе продолжи кон Собранието, Стопанската комора и Владата.
„Ниту едно работничко право не е подарено, за секое од нив се имаме изборено“, порача Трендафилов, додавајќи дека работниците мора повторно да се борат за подобри плати.
Според него, владата и работодавачите немаат доволно слух за барањата на работниците, особено во однос на зголемувањето на минималната плата.
„Тие сметаат дека работниците се задоволни само со законското усогласување на минималната плата од 1.667 денари, кое се однесува само на оние што земаат минималец“, истакна Трендафилов.
Од ССМ бараат минималната плата да достигне 600 евра, како и зголемување на останатите плати за најмалку 6.000 денари.
Трендафилов потсети дека на претходниот протест на 28 јануари учествувале повеќе од 12.000 работници, но нагласи дека за да се постигне реално зголемување на платите потребно е уште поголемо присуство.
„Колку ќе дојдете, толку и ќе добиеме“, порача тој, повикувајќи ги работниците да не се плашат и масовно да излезат на протест.
Тој нагласи дека синдикатот нема да дозволи политичка злоупотреба на работничката борба.
„Нема да дозволиме злоупотреба на работничката борба ниту од власта ниту од опозицијата“, напиша Трендафилов.
Од ССМ најавуваат дека за протестот ќе биде организиран превоз од повеќе градови во земјата, со цел што поголем број работници да можат да се приклучат на протестот.
