Економија, финансии, бизнис

Контакт

Kолку кеш носат Европејците во своите паричници?

Kолку кеш носат Европејците во своите паричници?

Сè поголем број потрошувачи ги напуштаат плаќањата во готово и се свртуваат кон картички, мобилни телефони и паметни часовници. Сепак, и покрај силниот раст на безготовинските плаќања, готовината сè уште има важно место кај одредени групи потрошувачи и во одредени сектори.

Употребата на монети и банкноти низ цела Европа постојано се намалува, но готовината сè уште е далеку од исчезнување. Во голем број земји од Еврозоната, таа останува најчестиот начина на плаќање, како во однос на бројот на реализирани трансакции, така и во однос на нивната вкупна вредност.

Истражувањето на Европската централна банка покажува дека просечниот износ на готовина што ја носат граѓаните на Еврозоната е 59 евра, со значителни разлики меѓу земјите. Додека граѓаните на Холандија имаат просечно само 35 евра во своите паричници, во Луксембург и Кипар оваа сума достигнува дури 82 евра.

Меѓу четирите најголеми економии на Европската Унија, Германија е предводник, каде што граѓаните носат просечно 69 евра готовина дневно. На другиот крај од листата е Франција со 50 евра, додека Италија и Шпанија се блиску до просекот на еврозоната, а Шпанија е малку над таа вредност.

Професорот Јакуб Горка од Универзитетот во Варшава за „Еуроњуз бизнис“ изјави дека употребата на готовина е силно обликувана од националните навики и култура.

„Јужноевропските земји, со потопла клима и почести лични интеракции во трговијата, се природно посклони кон готовина, додека северните земји, како што се скандинавските земји, историски побрзо ги прифаќаат електронското банкарство и безготовинското плаќање“, истакна Горка.

Уделот на готовинските плаќања на продажни места во еврозоната продолжува да се намалува. Бројот на трансакции платени во готовина се намали од 79 проценти во 2016 година на 52 проценти во 2024 година, додека вредноста на овие трансакции се намали од 54 на 39 проценти.

И покрај падот, готовината сè уште се користеше во повеќе од половина од сите плаќања во еврозоната во текот на 2024 година. Во 14 од вкупно 20 земји од еврозоната, таа остана доминантен начин на плаќање. Најниска употреба е забележана во Холандија, каде што готовината учествува со само 22 проценти од трансакциите, додека во Малта тој удел е дури 67 проценти. Повеќе од 60 проценти од плаќањата во готово се забележани и во Словенија, Австрија и Италија, пренесува Bankar.me.

Слично

Поврзани вести