КОЛКУ, КАКО И ШТО СТОПИ „МАКСТИЛ“ ? Големиот извозник лани донесе 124 милиони евра!
„Макстил“ и 2024 година ја заврши со добивка и тоа е најважната и најубата вест. Успеа да го зголеми извозот кој предизвика раст и на оперативните расходи. Но успеа и да го намали краткорочното кредитно задолжување. Голем предизвик за негово поуспешно работење се финансиските расходи и тука пред се мислиме на трошоците за камати. Иако има намалување во споредба со 2023 година сепак кратењето на таа ставка останува на листата приоритети. „Макстил“ во 2024 година направи голем чекор напред во намалување на акумулираната загуба и ја сведе на 10 милиони евра. А со компанија што има годишен капацитет за производство вреден и над 150 милиони евра во соодветна конјуктура реално и објеткивно е да се очекува плусот по подолго време да го замени минусот...
Најголемата македонска челичарница „Макстил“ ја заврши 2024 година со приходи од 135,2 милиони евра, покажуваат официјалните податоци достапни во финансиските извештаи објавени на сајтот на Македонската берза.
„Макстил“ лани успеал да ја задржи својата пазарна позиција генерално, а при тоа да го зголеми извозот за 3 отсто во споредба со претходната споредбена година. Вкупниот девизен прилив за македонската економија од работењето на „Макстил“ изнесува 124,3 милиони евра.
На домашниот пазар „Макстил“ лани пласирал стоки во вредност од 10,9 милиони евра. Неговата пазарна позиција на домашниот пазар бележи пад од 23 отсто. Иако има значаен процентуален пад на вредноста на продажбата делумно олеснителна околност за нив е тоа што Македонија никогаш не била значаен пазар за капацитетот и можностите на „Макстил“.
Оперативните расходи на „Макстил“ лани изнесуваат 132,5 милиони евра и се зголемени за 2 отсто во споредба со претходната година. Очекувано и логично најголемо учество во оперативните расходи имаат трошоците за суровини и други материјали и тие изнесуваат 92,8 милиони евра и тие се 2 отсто повисоки од претходната година. Плаќањата за вработените на „Макстил“ лани се зголемени за 8 отсто во однос на 2023 година и изнесуваат 18,8 милиони евра. Ова значи дека и „Макстил“ како и повеќе успешни домашни компании води особена грижа за лојалноста на вработените.
Оперативната добивката на „Макстил“ за лани изнесува 6,4 милиони евра и е пониска за 21 отсто од 2023 година. Тоа, генерално, е резултат на фактот што приходите од продажба останале исти во услови кога оперативните расходи се зголемени за 2 отсто.
Дополнително на нето добивката влијае фактот што „Макстил“ и понатаму има високи финансиски расходи. Тие за 2024 година изнесувале 2,8 милиони евра. Веројатно се платени за камати, а во помала мерка и за курсни разлики. Лани дури се за зголемиле финансиските расходи на „Макстил“ и тоа за 6 отсто во споредба со претходната 2023 година.
Резултат на тие фактори е нето добивката која за лани изнесува 3,9 милиони евра и е пониска за 33 отсто од претходната споредбена година. „Макстил“ за лани на државата ќе плати повеќе од 560.000 евра данок на добивка.
Билансот на состојба покажува дека „Макстил“ должи над 34,5 милиони евра по кредити. Поголема е изложеноста по основ на краткорочни кредити и состојбата на крај на 2024 година изнесувала 26,45 милиони евра. Кај долгорочните состојбата била 8,2 милиони евра. Кај краткорочните кредити компанијата го намалила задолжувањето за 6 отсто, а кај долгорочните го зголемила за 2 отсто.
На крај на 2024 година, благодарение на добивката за таа година, акумулираната загуба се намалила и сега изнесува 10 милиони евра.
Н.С.
