Колку изнесува нето надворешниот долг во однос на БДП?
На крајот на првиот квартал годинава, нето надворешниот долг бил 2.687 милиони евра, или 23,8 проценти од БДП. Тој бележи квартално зголемување од 40 милиони евра (раст од 1,5 проценти). И понатаму доминантно учество во вкупниот нето – долг има приватниот нето – долг со 55,9 проценти, покажуваат податоците што ги објави денеска Народната банка.
Зголемувањето на нето надворешниот долг во првиот квартал произлегува од зголемувањето на јавниот нето-долг (за 47 милиони евра), во услови на умерено квартално намалување на приватниот нето-долг за седум милиони евра.
Споредбено со релативните показатели, нето надворешниот долг како процент од проектираниот БДП за 2019 година, има намалување за 0,9 проценти.
Заклучно со првиот квартал бруто-надворешниот долг е 8.304 милиони евра, или 73,5 проценти од БДП. Во однос на крајот на минатата година, бруто надворешниот долг, без трансакциите за управување со девизните резерви, е повисок за 99 милиони евра.
Бруто надворешните побарувања изнесуваат 5.617 милиони евра, или 49,7 проценти од БДП. На квартална основа, бруто надворешните побарувања, без трансакциите за управување со девизните резерви, се повисоки за 58 милиони евра.
