Колку и за што се трошело од градската каса во првите девет месеци од 2016?
Колку и за што се трошело од градската каса во првите девет месеци од 2016?
Во првите девет месеци од годинава во вкупниот буџет на Град Скопје се слеале 60 милиони евра, што во проценти е остварувањето на вкупните приходи во однос на планот за оваа година изнесува 56,5 отсто. Истиот период Градот потрошил 52,4 милиони евра, или 49,4 отсто од планираните расходи.
Во основниот буџет на градот Скопје односно градската каса за девет месеци се собрале 38,5 милиони евра од планираните 71,5 милиони евра за цела година. Најмногу пари или 19,7 милиони евра се слелале од данок на специфични услуги, потоа 8,2 милиони евра од данок на имот, близу 100 илјади евра од глоби, судски и адмнистративни такси, а над еден милион евра од такси и надоместоци. Во истиот период од градската каса се потрошиле 32,7 милиони евра. Реализацијата на капиталните расходи за девет месеци изнесува 34,9 отсто или за оваа ставка се потрошиле 16,4 милиони евра од планираните 47,2 милиони евра за цела година. Во првите девет месеци Градот на јавните претпријатија им исплатил субвенции во износ од 3,2 милиони евра.
Најмногу пари за реконструкција на фасади и доградби на објекти
Во првите девет месеци над 3,4 милиони евра се потрошиле за нови фасади и доградба на објекти и дополнителни 104 илјади евра за проекти за реконструкција на објекти и фасади. Вкупната сума за цела година за реконструкција на фасади е во износ од 5,2 милиони евра. Од друга страна во истиот период не се одвоени пари за изработка на елаборати за испитување на загадувањето на амбиентниот воздух од сообраќјот и од согорување на дрвото како средство за затоплување и друго. Еве некои од проектите за кои во првите девет месеци се одвоиле дел од вкупните планирани суми за цела година:
· Реконструкција и доградба на објекти- фасади 3,4 милиони евра
· Проекти за објекти, фасади 104 илјади евра
· Изградба на Градска куќа 2 милиони евра
· Надзор за изградба на Градска куќа 17.700 евра
· Реконструкција, одржување и изградба на тротоари,плоштади и фонтани 585.687 евра
· Илуминација на споменици, скулптури и фонтани 40.680
· Субвенции за ЈП Паркови и зеленило (Пајтон) 42.276 евра
· Одржување на фонтани и спомен обележја 188 илјади евра
· Изградба на катна гаража Даме Груев 263 илјади евра
· Доизградба на бул. Партизански одреди до Св.Петар Павле 294 илајди евра
· Проширување на бул. Х.Т Карпош во Чаир 110 илјади евра
· Проширување и реконтрукција на III Македонска бригада 261 илјади евра
· Експропријација на земјиште за изградба на улици 1,4 милиони евра
· Изградба и реконструкција на ул.Маџари 374 илајди евра
· Фекален колектор дол бул. Б.Ц.Бато 439 илајди евра
Во истиот период ниту денар не се одвоил за реконструкција и изградба на дел од посочените улици и булевари во Програмата на Градот, најавената крстосница на две нивоа кај Судската палата, водоводот во Шуто Оризари кој се споменува и во изминатите градски буџети, водоводот во с.Раштак. Од градкста каса не се потрошило ниту денар за фекални канализации во селата Црешево, Смиљковци, Виниче, Трубарево, Идризово, иако дел од нив летоска беа погодени од големите поплави кои направија огромни штети, а дел од причините за големите шетети беа посочени токму дотраените канализациски мрежи.
Градската каса следната година ќе тежи 115, 8 милиони евра или скоро 10 милиони евра повеќе од годинава. Од Буџетот догодина за проекти тековни и капитални е планирано да се потрошат 81,5 милиони евра или околу 3,5 милиони евра повеќе од годинава. Дел од проектите ќе се реализираат со кредити во износ од близу 3,1 милиони евра. Во проектите е вклучена изградбата на новиот Луна парк за кој што веќе години наназад за бара јавно-приватно партнерство, повторно се реактивира идејата за подземната сообраќајница, реконструкција на фасади и доградба на објекти, осветлување на споменици, изградба и реконструкција на улици и булевари и друго.
Т.С
