Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колку Грци се исчезнати во пожарите кои беснеат од вчера?

Колку Грци се исчезнати во пожарите кои беснеат од вчера?

Официјално не е познат бројот на исчезнати лица во пожарите кои беснеат во Грција. Бидејќи голем дел од пронајдените тела се јагленосани, тешко оди идентификацијата на жртвите, а со тоа не се знае дали лицата по кои се трага се живи или не.

Портпаролката на грчката противпожарна служба на прес конференцијата рано утрово, упати апел до граѓаните да го користат нивниот број за пријавување на исчезнати лица. Неофицијално, во противпожарната служба биле пријавени 35 исчезнати. Преку социјалните мрежи и преку грчките медиуми, граѓаните во очај споделуваат фотографии од нивни роднини и пријатели кои што се исчезнати од вчера и бараат помош. 

Една грчка компанија создаде интернет платформа за пронаоѓање на исчезнати лица.

Грчка компанија за информатички услуги, за да им помогне на граѓаните, создаде интернет платформа, база на податоци со исчезнати лица, а секако станува збор за неофицијална иницијатива.

„Официјалната регистрација на исчезнатите ја прави противпожарната служба, компанијата „Audax Cybersecurity“ сакајќи да помогне во овие тешки моменти создаде отворена база за пребарување на исчезнати од смртоносните пожари“ - информираше грчката компанија.

Податоците, се обновуваат постојано, а до 16.30 часот по локално време, во отворената база се регистрирани 23 лица, меѓу кои и деца.

Претседателот на грчкиот црвен крст, Никос Икономопулос, во изјава за грчката телевизија Скај, вели дека од рано утрово нивните спасувачи заедно со пожарникарите, одат од врата на врата, од дом во дом, во зградите што беа зафатени од пожарот, за да проверат дали можеби има и други жртви.

Икономопулос вели дека се проверени 115 домови и еден хотел, но за среќа не пронашле загинати.

Специјалната нуркачка единица на грчката војска, од рано утрово спроведе акција во морскиот дел за потрага по исчезнати или загинати лица.

Грците се организираат преку социјалните мрежи за собирање неопходни продукти за помош на загрозените граѓани.

Во Грција е прогласена тридневна жалост. 

Слично

Поврзани вести