Колку ги наплати СРЦ „Борис Трајковски“ спортските успеси и концертите во 2018?
Спортско-рекреативниот центар „Борис Трајковски“ од користењето на својот најпопуларен простор - таканаречената „арена“, на која настапуваат екипите, клубовите и националните селекции и на која се организираат домашни и меѓународни турнири, но и голем број на концерти на светски, регионални и домашни ѕвезди, заработи само 10 милиони денари во 2018, односно тоа не е ниту 170.000 евра.
„Приходите од Вип Арената може да
бидат и повисоки од планираните
доколку Владата со свои укажувања
не препорачува дел од настаните во
Вип Арената да се оддржуваат без
надомест“, се вели во објаснувањето на центарот за тоа зошто приходите се неочекувано мали, иако многумина во јавноста наплатата ја замислуваат дека е од многу повисоки размери.
Приходите од оваа основна намена се помали дури и од оние од базенот кој е во сопственост на центарот а истите изнесувале 12 милиони денари. Најголема е сумата од деловниот простор и за тоа лани биле наплатени 15,65 милиони денари. Од договорот за брендирање што го има со ОНЕ ВИП се наплатени 7,4 милиони денари, а бидејќи соработката продолжува и оваа година, се очекува во 2019-та да се добијат 7,7 милиони од компанијата за телекомуникациски услуги. Министерството за информатичко општество и администрација за просторот и организацијата на Дигиталниот самит на Западен Балкан на “Борис Трајковски“ му исплатил 5,8 милиони денари.
Приходите од Аква Паркот, кој работи само во текот на летото, биле 6,14 милиони денари. Од лизгалиштето, кугларницата и малата сала за натпревари се остварени 8,8 милиони денари. СРЦ „Борис Трајковски“ издава и бокс-сала, конгресен центар, простор за аеробик и пинг-понг, но приходите од таму се далеку помали. За фитнес-центарот заинтересираните платиле 2,3 милиони, а за играње тенис на игралиштата само 360 илјади денари.Најмалку е платено за сауната и тоа само 60 илјади денари.
Вкупните приходи на најпознатиот спортско-рекреативен центар во 2018 биле 104 милиони денари, а тука влегуваат и субвенциите кои ги доделува Владата на Македонија како помош од 16 милиони денари. Вкупните расходи биле 114 милиони, во кои најголеми биле трошоците за плати, набавка на семафор, електрична енергија и набавка на хемикалии за базените.
А.К.
