Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колку е тешко да се најде работа во поодминати години?

Колку е тешко да се најде работа во поодминати години?

Луѓето во петтата деценија од животот имаат потешкотии со пронаоѓање на работа.

Во дел од огласите кои се среќаваат на веб страниците за таа намена,  некои од работодавците бараат кандидати кои  се флексибилни, амбициозни, но да не бидат постари од 35 или 40 години.

И граѓаните потрдуваат дека е тешко во поодминати години да се дојде до работа, затоа што секаде предност им се дава на младите.

„Многу е тешко над 47, 48 години да се најде работа, а до 45 години ги сметаат луѓето за продуктивни.  Има многу луѓе кои ги знам и кои се соочуваат со ваков проблем. Тие кога одат на разговор, кажуваат дека имаат искуство, но поради годините не ги примаат.  За младите не знам како е, но за повозрасни луѓе е многу тешко“ – вели  Виолета  Стоилковска, граѓанка од Куманово.

Хермина  Јанева, граѓанка од Скопје не се согласува со фактот дека работа тешко се наоѓа за повозрасни луѓе и им советува да бидат упорни.  Како пример ја споменува Германија  каде видела  дека и луѓето на 70 години можат да работат и да бидат активни.

„Човек ако сака да работи, ако треба ќе измисли што да работи.  Педесет години се убави години, активни години.  Јас во тие години сум работела и не познавам такви луѓе кои сакаат да работат, а не можат да најдат работа.  Можат да работат и младите и старите ако сакаат“ – рече Јанева.

Од  Агенцијата за посредување при вработување „Хоризонт“ од Скопје објаснуваат дека со мерките на Владата за субвенционирано вработување,  и приватните компании вработуваат луѓе кои имаат 50 и повеќе години.

„Земаат луѓе кои имаат 50, 55 години се до пензионирање, за да користат привилегии преку програмите за вработување.  Најмногу се бараат медицински сестри, програмери,  информатичари, фармацевти,  помалку економисти. Се бараат исто така мајстори, ѕидари, занаетчии“ – објаснуваат од „Хоризонт“.

Давид Алексовски, магистер по економски науки објаснува дека земајќи ја во предвид секторската  структура  на економијата и етапите на развојот на истата, невработените на возраст помеѓу 40 и 50 години компаративно во однос на невработените од помладите генерации потешко наоѓаат работа.

„Како резултат на глобализацијата и динамичниот технолошки развој дојде до промена на секторската структура на економијата што предизвика пад или изумирање на одредени професии и индустриски гранки, а од друга страна дојде до етаблирање на нови сектори, професии и факултети кои што не постоеле или не биле карактеристични пред 20-тина години. Како резултат на ова преструктуирање маса на работници остануваат без работа и единствениот начин да се вратат активно на пазарот на трудот е преку квалитетна преквалификација- повторно студирање или преку некој вид на стручна обука и образование. Процесот на преквалификација за повозрасните луѓе е значително потежок, поради чувство на инфериорност, непријатност и несоодветност на таа возраст да се вратат во класичниот образовен систем и да се натпреваруваат со помладите генерации.  Погледнато од аспект на работодавачите, ретко постои интерес за дополнителни вложувања за обучување на повозрасни или преквалификација на работници (освен ако нема значителна субвенција од државата) и постои изразена дискриминација кон повозрасните луѓе“ – вели Алексовски.

Додава дека постарите дека потешко учат и се адаптираат на новите технолошки услови, или со други зборови работодавачите претпочитаат млад и енергичен кадар со релеватно искуство и активни вештини за постојано учење.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести