Колку дивиденда ќе подели „Гранит“?
Дивидендата е 77,56 милиони денари и неа ќе ја делат повеќе од 4.500 домашни физички лица. Од тие пари над 12,4 милиони денари (бруто) ќе си поделат синот и ќерката на Страшо Милковски, а 5,4 милиони денари бруто се на идните пензионери-членови на пензискиот фонд на НЛБ. Со предлогот за дивиденда Страшо Милковски, претседател на Управниот одбор предлага и 26 милиони денари за награди на менаџерскиот тим и раководниот кадар. Во оваа група, иако нема детален опис, можеби се: тој, неговиот син Зоран, уште тројца членови на Управниот одбор и раководители на седумте сектори во „Гранит“
Најголемата домашна градежна компанија „Гранит“ ќе подели дивиденда од 28 денари бруто за акција односно 25,2 денари за акција од добивката за лани, ова е предлог одлуката што ќе се најде на дневен ред на претстојното акционерско собрание на „Гранит“ објавено на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Нето износот на дивиденда е 3,5 отсто од последната пазарна цена на таа акција што изнесува 715 денари. Овој дивиденден принос е еден од најниските во споредба со другите акции кои се тргуваат на берзата.
„Гранит“ лани имал добивка од 218,9 милиони денари од која во дивиденда ќе додели 77,56 милиони денари во бруто износ, а за реинвестирање ќе намени 115,3 милиони денари. Во предлог одлуката се наменети и 26 милиони денари (420.700 евра) наменети за награди за менаџерскиот тим и раководниот кадар на друштво. „Гранит“ има петмина членови на Управниот одбор и уште седум раководители на сектори.
Во предлог одлуката пишува дека дивидендата ќе биде исплатена на 28 септември 2018 година, а последен ден за тргување со право на дивиденда е 4 јули годинава.
По што беше актуелен „Гранит“ во последно време?
Врвен приоритет на „Гранит“ стана купување акции во „Комерцијална банка„ и за тоа да плати 7 милиони евра! Секоја акција е купена на цена од 3.750 денари што е значајно високо пазарно ценовно ниво за таа акција. Ги праша ли некој стотиците мали акционери во „Гранит“ – домашни физички лица дали сакаат тие 7 милиони евра да им ги поделат: 1. како дивиденда; 2. да ги вложат во акции; 3.со нив да купат нова градежна опрема?
Најголемата домашна градежна компанија „Гранит“ купи 113.700 акции со право на глас во најголемата домашна деловна банка „Комерцијална банка“, објавија двете компании на Македонската берза за хартии од вредност. Во акции на една од најголемите банки „Гранит“ вложи 426,4 милиони денари односно 7 милиони евра. По кој основ врвен приоритет на „Гранит“ е да вложи 7 милиони евра кеш во 4,99 отсто од акциите на оваа банка? „Фактор“ побара објаснување од „Гранит“, кој е приоритет да се вложи во акции и дали тие се купени со кредит од „Комерцијална банка“, но досега не доби одговори.
„Гранит“ за неколку промили купи помалку од 5 отсто од акциите во големата македонска банка и со тоа ја избегна обврскатакоја ја имаат акционерите кои поседуваат 5 отсто акции во банка за што треба да добијат одобрение од централната банка. Информацијата за купување акции во „Комерцијалната банка“ изненади многумина акционери. „Гранит“ кој е голем клиент на „Комерцијална банка“ ги плати акциите по цена од 3.750 денари за акција и е купувач на акции кои ги продаде шведски инвестициски фонд кој поседуваше повеќе од 13 отсто од акциите со право на глас во таа банка. Шведскиот фонд ги продаде сите свои акции со право на глас во таа банка. Најмногу акции купи токму „Гранит“, а освен оваа градежна компанија акции во „Комерцијална банка“ во оваа купопродажба како купувачи учествуваа уште три други домашни компании: градежната компанија „Адора Инженеринг“, ИГМ Трејд компанијата на Илија Гечев од Кавадарци и сервисната компанија „Индустри Сервисес“ од Скопје. Суштинската разлика меѓу „Гранит“ и трите други компании е во структурата на нивната сопственост. Имено трите други фирми се со силна концентрација на сопственост зашто имаат по еден или неколку сопственици. „Гранит“ за ралика од нив има повеќе стотини сопственици (физички и правни лица). Што ќе одбереа тие? Да купи менаџментот акции во „Комерцијална банка“ за 7 милиони евра, да им ги подели во дивиденда или да ги инвестира во дејноста?
Веројатно ова прашање на претстојното акционерско собрание на „Гранит“ ќе го постави некој од неговите акционери...
Ова се фактите за големиот пазар со акции на „Комерцијална банка“
Од вкупно продадените 298.003 акции со право на глас „Гранит“ купил најмногу акции односно 113.700 акции. Другите 184.303 акции со право на глас ги поделиле меѓусебно горенаведените три компании. „Гранит“ купил 38 отсто од сите акции што биле продадени. Вкупниот износ на средства што овие четири друштва го платија за акциите е 1,12 милијарди денари односно 18,1 милиони евра.
Р.Ф.
