Колку дивиденда чека „Макошпед“ од своите акции во „Фершпед“?
Антансион, Антансион: Макошпед откако вложи над милион евра во акции на „Фершпед“, во бизнис планот за 2018 година најави дека од дивиденди чека околу 5,1 милиони денари. Со оглед на тоа што неговото инвестициско портфолио се сведува горе-долу на акции од „Фершпед“ тоа значи дека чека околу 2.300 денари дивиденда по акција!
Скопската шпедициска компанија очекува околу 5,1 милиони денари од дивиденди во годинава што започнува, пишува во бизнис планот на менаџментот на „Макошпед“:
Според официјалните декларирани податоци , менаџерите очекуваат од дејноста на „Макошпед“ да приходуваат 40 милиони денари и уште 19,5 милиони денари од закупнини, дивиденди, останати приходи и од приходи од префактурирани трошоци. Поединечно гледано најголеми се очекувањата на „Макошпед“ од неговите складови во Маџари и тоа 17 милиони денари, од складот во Шуто Оризари уште 14 милиони денари, од Битола 7 милиони денари и од одделот за шпедиција, увоз и извоз уште 2 милиони денари. Вкупно компанијата планира да ги зголеми своите основни приходи за помалку од 10 отсто. Чисто информативно, „Макошпед“ планира 2018 година да ја заврши со добивка пред оданочување од нешто над половина милион денари.
Најзначајно за инвеститорите на берзата од објавениот план на „Макошпед“ е тоа што компанијата од дивидени годинава очекува 5,1 милиони денари односно околу 82.660 евра. Со оглед на тоа дека „Макошпед“ во изминатава година стана најголем поединечен акционер во „Фершпед“ најголемата македонска шпедиција, во огромна мерка очекувањата од дивиденда се насочени кон таа компанија. Особено што со оглед на тоа што лани „Макошпед“ продаде акции во „Технометал“ се знае дека речиси и нема значајни стекови акции во други домашни македонски компании.
Доколку очекувањата се базирани на дивиденда од акции во „Фершпед“ да потсетиме дека во таа компанија „Макошпед“ има 12,13 отсто од акциите со право на глас. Тоа значи дека поседува нешто помалку од 2.200 акции. Што значи дека „Макошпед“ очекува дивиденда од околу 2.300 денари од секоја акција во „Фершпед“. И ова е вест што треба да ја имаат во предвид сите инвеститори на берзата. Особено заради тоа што „Фершпед“ три години наназад не поделил дивиденда на своите акционери.
Со оглед на последната цена на акцијата на „Фершпед“, постигната на берзата на 25 декември лани која изнесува 55.290 денари, доколку се оствари очекувањето на „Макошпед“ тогаш приносот од акција на „Фершпед“ купен на последната цена би изнесувал 4,1 отсто.
Само за потсетување, „Макошпед“ лани во период од половина година вложи над еден милион евра во акции на „Фершпед“. Во периодот од мај до ноември „Макошпед“ купи над 6 отсто од сите акции на „Фершпед“.
Повеќе за „Макошпед“ може да прочитате на следниве линкови:
http://faktor.mk/zoshto-menadzerite-na-makoshped-rabotat-so-zagubaa-kupuvaat-akcii-vo-fershped
и http://faktor.mk/moze-li-jabandzija-da-kupi-6-otsto-od-fershped-za-pomalku-od-milion-evra
Зошто „Макошпед“ плати пола милион евра за грст акции во „Фершпед“ ?
