Колку деца во Германија живеат во сиромаштија?
Анализите направени од германските организации покажуваат дека во најголемата европска економија има пораст на детската сиромаштија.
Лани околу 1,9 милиони деца растеле во сиромаштија, што е зголемување за 52 деца во споредба со 2014 година. Најподложни за сиромаштија се децата од самохрани родители или децата од семејства со поголем број на браќа и сестри.
Извештајот на „Фондацијата Бертелсман“ објавен денеска покажува дека бројот на деца чии семејства зависат од социјална помош постојано расте. Тој е различен од покраина во покраина, јавува дописникот на МИА од Берлин.
Процентот на малолетници во Западна Германија чии семејства ја примаат најниската социјална помош пораснал од 12,4 во 2011 година на 13,2 лани.
На истокот на земјата бројот на вакви семејства паднал за 2,4%, но сепак вкупниот број на домаќинства кои што примаат основна социјална помош е 21,6 проценти. Најзагрозени од овој проблем се децата во регионите на Бремен, Гелзенкирхен и Северна Рајна Вестфалија каде дури 38% од децата примаат социјална помош. Во Берлин едно од три деца живее во семејство кое зема основна социјална помош. Во покраините Баварија и Баден Виртенберг само 6,8 односно 8% од децата зависат од социјална помош.
За експертите уште поголем проблем е што 57,2% од децата меѓу 7 и 17 години примаат основен пакет социјална помош подолг од 3 години, затоа што колку тој период е подолг толку полоши се последиците во развојот. Децата кои што долго време живеат од социјална ппомош според истражувањата се социјално изолорани, имаат повеќе здравствени проблеми, и имаат поголеми проблеми во образованието од децата чии семејства не примаат социјална помош.
