Колку денес се исплати да заминете на работа во Германија?
Во Германија во октомври 2,65 милиони луѓе биле без работа. Тоа е најмалиот број на невработени од 1991 година. „Силниот раст на вработеност продолжува“, соопштено е од Агенцијата за вработување. Некои веќе веруваат дека наскоро ќе биде остварена целосна вработеност.
Друга страна на медалот: секој петти вработен (20,6%) работи за малку пари - тоа се осум милиони луѓе. Таа бројка додуша потекнува уште од 2010 година, но најнови податоци засега нема. Но и така не е веројатно дека воведување на минимална дневница од 8,50 евра по час во почетокот на годинава нешто промени. Бијдеќи, уште во 2010, дневницата помала од 10,36 евра е сметана за прениска.
Социологот Кристоф Кохлер, кој на Универзитетот во Јена ја истражува структурата и динамиката на пазарот на труд вели: „Невработеноста во Германија е намалена, но пораснал и секторот на слабо платени занимања. Значи, невработеноста претежно е решена со полошо платени професии.“ Дали тоа е за пофалба или поплака - тоа е работа на политичката состојба, смета Кохлер: „Левицата вели дека тоа не е подобрување, а другите велат дека е подобор и полоша отколку никаква работа.“
Како што пишува Дојче Веле, бројот на оние кои мораат да работат на две работни места за да преживеат во последните години е значајно зголемен-во период од 2011 до 2014 за 13 посто. Повеќе од два милиони луѓе-пет посто од сите работно способни граѓани-покрај својата редовна работа работат и на уште едно место. „Важна причина за тоа е пораст на бројот на послабо платени работи“, објаснува Кохлер. Во Германија тоа се работи со плата помала од 450 евра месечно. „Бидејќи од таа не може да се живее, луѓето бараат уште една работа.“
Образованието и квалификациите кај барањето на работа во Германија и во другите индустриски земји имаат се поголемо значење. Бидејќи се повеќе работи подразбираат машини, се помали се работните места за луѓе со слабо образование. А состојбата во тој сегмент во иднина и ќе се влоши, со оглед на се поголемиот број на бегалци.
Причина за слава нема ни што се однесува до рамноправноста. Меѓу вработените минатата година биле 47 посто жени. Во однос на 42 посто од 1994 година тоа и не е некој пораст. Освен тоа, дури секоја трета раководечка положба е во женски раце (29 посто).
Жените просечно минатата година во Германија заработувале 22 посто помалку по час од мажите. Таа разлика од почетокот на овој милениум е константна. „Тоа значи дека не е остварена целта на сојузната влада разликата до 2010 година да се намали на 15 посто“, стои во извештајот на Сојузниот уред за статистика.
Бројните штрајкови во Германската железничка и авионскиот превозник Луфтханза беа честа тема минатата година. Поедини коментатори веќе се прашуваа дали Германците станаа штрајкувачка нација. Но бројките на Сојузниот уред за статистика покажуваат поинаква слика. Во изминатите две децении имало многу години во кој штрајковите биле значајно почести.
